Пред десетина дена, по идеја на власта, беше остранета железната ограда од пред Владата по што како духови останаа само белите столбови. Иницијаторите на овој срамен и глупав потег ни велат дека рушењето на столбовите ќе чинело многу пари, додека за сечењето на железната ограда немало да трошат средства од граѓаните туку ќе нашле од друго место. Можеби Заев ќе извади од сопствениот џеб неколку талира, иако тоа просто да не веруваш! Потоа следуваше вадење на буквите од името на институцијата Влада на Република Македонија, нели сме го промениле името на државата во Северна.
Своевремено токму Заев посакуваше да остане овој белег – Влада на Република Македонија – за да не се резилиме. Но резилот дојде, и во таква демолирана иконографија, на премиерот Зоран Заев му светна идеја да го подигне знамето на НАТО. Никој нема ништо против тоа знаме, но во институција без име, а знаејќи го Заев дека е надарен со суптилни идеи, се си мислам дека можеби сакал да не потсети дека се подига знамето на НАТО пред институција без име и исто така безимена држава!?
Пред неколку години Заев од Валандово ни испрати порака дека кога ќе дојдат на власт ќе почнат да јадат живи луѓе, ќе ги избркале сите други од работните места и ќе поставеле нивни. Тоа и ни се случува, државата е половина изедена, а во тек се вработувања на нивните.
За културата и да не зборуваме. Последните случувања во Министерството за култура околу распределба на средства за проекти од творештвото, потврдуваат дека почнува процес на тотално разнебитување на тоа што е вредно во културата. Резилот и тука дојде. Бидејќи се случуват потфати кои се движат со светлосна брзина, бидејќи почнаа да се носат анти-уставни и анти-државни закони, можеби ќе треба да се донесе закон и тоа со европско знаменце (во некои земји од ЕУ постојат такви закони) кој би требало да гласи вака:
Секоја личност која претендира да се занимава со политика, секој кој има намера да застане на високи државни функции како премиер, претседател на Собранието или државата, дури и да е консенсуален, секој кој посакува да биде лидер на партија, треба да помине низ лекарски преглед, не пред еден лекар, туку пред конзилиум од лекари составен од пет, седум или девет здрави и професионални медицинари и секој кандидат за овие важни политички и државни места да добие потврда од конзилиумот е нормален од ментален и физички аспект, дека нема деструктивни фрустрации и, најважно, дека не е обременет со омраза кон сопствениот народ, традиција и култура. Со еден ваков закон или одредба во закон, донесен/а со европско знаменце, може да се спасиме од јадење на живи луѓе и бркање на се што не е наклонето кон власта. Само така ќе можеме да излеземе од кошмарот кој во изминативе три години ни го приредува ова власт!