Кога Семјуел Бекет ја пишувал драмата „Чекајќи го Годо“ всушност визионерки ги опишал состојбите и приликите во Македонија. Токму оваа драма совршено го објаснува театарот на апсурдот ксој секојдневно го живееме, само ние не го чекаме Годо туку датумот, да, оној датум кој всушност го добивме лани, а за кој Европа ќе одлучува сега во октомври.
Во Македонија времето е релативно, датумот е денес, утре и вчера, а надеждта дека кога тогаш ќе дојде и животот ќе ни биде поубав, порозов откако ќе дојде никако не нè напушта. И никако ама никако не треба да очајуваме, а ни да работиме нешто повеќе од она што сме сработиле до сега затоа што и онака само по себе блескаме на сите полиња. Работеле или не работеле, азното или во случајов датумот само ќе си дојде.
Па, сепак, ние нашето го направивме, го решивме деценискиот спор со Грција и се откажавме од името и идентитетот, само и само за датумот да дојде час поскоро, и навистина дојде лани во јуни, ама не вистински, туку со најава за точно доаѓање во јуни 2019. Фер е да се каже дека Грција го испочитува својот дел од Договорот и затоа на вчерашниот ЕУ, Совет гласаше воздржано за утврдувањето на датумот. Цела среќа е што ги подобривме односите со сите соседи и што заедничката комисија за ревидирање на историјата со Бугарија постигнала согласност дека цар Самуил бил бугарски цар, па затоа вчера гласаше за датум. Она од што стравувам е да не ја зезнеме работата со Гоце Делчев, некако ептен сме запнале дека е наш, немој да си дадеме автогол заради него па да се премислат Бугарите и во октомври да гласаат против датумот.
Оптимистички е да се надеваме дека Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија ќе се премислат и во октомври едногласно позитивно ќе гласаат за добивање на датум. Среќа што за Франција, и земјите од Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксмебург) имаме советници, па немам дилема дека Зафировски и Ружин ќе им ги омекнат ставовите во следниве два-три месеци. За Германија веќе знаеме дека ќе биде позитивно расположена, така барем Меркел му кажала на Заев. Остануваат уште да ги решиме Шпанија и Данска, а верувам дека и за нив имаме стратегија како да ги убедиме дека блескаме.
Да резимираме, датумот е наш и ќе си дојде кога тогаш, не треба ништо да работиме само да си почекаме. Исто како Годо, и тој ќе дојде.
Мартина Антиќ