Коле Манев

И денес се сеќавам, кога како дете сакав да ги слушам разговорите што ги водеа моите блиски роднини и соселани, изречени при весели поводи имендени, родендени, свадби и венчавки или при помалку весели мигови кога некои од блиските ќе заминеше од овој свет. Разговорите се водеа на секакви теми, но најчесто беа сеќавања за родните места во Егејот и нивната младост помината во нив. И тогаш и денес ми е чудно кога кажуваа како грчките власти кога сакаа да го навредат македонското население го нарекуваа ,,вулгарос“ или ,,вулгаре“ што можеше да значи ,,Бугарин“, но исто така и вулгарен, примитивен, некултивиран. Не ми е познато дали и денес се употребуват ваквите изрази, но тие постоеле и веројатно биле плод на периоди во кои двете држави, двата народа, грчкиот и бугарскиот, не биле во хармонични односи, туку биле во конфликти па и војни. Најпогрдната фраза била кога грчките власти некого ќе го наречеле ,,палио-вулгаре“ што во буквален превод значи ,,ветов-бугарин“ но повеќе се мисли на неискрен, лажов, никаков човек.

Чудно е тоа што ваквите изреки се насочени само кон Бугарите. Мене не ми е познато вакви изреки да се насочени и кон некој друг сосед на Грција или наш. Уште по чудно е тоа што македонското население во ваквите недоразбирања секогаш било колатерална штета.

По поделбата на Македонија од 1913 година грчките власти извршија силен притисок за асимилација и протерување на македонското население, со намера во најкраток временски период да ја очистат (ново добиена територија) Егејска Македонија за нив Северна Грција од се што означувало македонско. Целта на ваквата политичка заложба беше да се потврди дека во тие ново стекнати географски простори никогаш немало Македонци, туку отсекогаш тоа била чиста хеленска територија.

Набрзо почнаа масовните преселби на македонското население од Грција кон Америка, Канада и Австралија, истовремено мал број на Македонци, со намера да ги одбегнат притисоците во Грција, некакво засолниште наоѓаа во Бугарија. Тука почнува ,,вулгарната“ страна на бугарската политика. Знаејќи дека грчките власти категорички одбиват да споменат  било што за постоење на македонско во грчките простори, ,,вулгарите“ од Бугарија започнаа со процесот на берба на значајни историски личности родени во Егејот и кои делуваа за македонската кауза. Нема ништо по нечовечко од тоа да влезете непоканет кај некого дома, да почнете да крадете се што вие по желба притоа без дозвола на домаќинот.  Не е ништо ново што со децении наназад некои ,,вулгарос“ бугарски историчари, со намера да си ја збогатат бугарската историја тврдат дека и Гоце и  Мисирков како и многу други, биле Бугари!   Ме чуди зошто бугарските  ,,вулгарос“  историчари не си ги присвојат Атила или Џингис Кан. Тоа не може, тие биле ,,вулгари“ варвари. На бугарските историчари им требат претставници на европската култура, не тие што потекнуват од Азија и имаат особини на Татари. Да се биде Македонец, роден во Кукуш или во Пела, одозгора и ,,вулгарос“ тоа е полн историски погодок. На Захариева и тече бело млеко од уста кога вели дека Гоце Делчев е Бугарин! Во овој случај Захариева се покажува како префригана ,,палио-вулгарна“ министерка за надворешни и тоа во 21-от век.

На ,,вулгарос“ историчарите сето ова може да им се оствари ако Заев и Димитров мислат дека Гоце, па и Мисирков се Бугари. Можеби Димитров и Заев веруват дека сите ние сме Бугари, не толку чисто Бугари туку пола бугари другата половина ,,вулгарос“ Бугари. Воопшто не треба да не чуди. Има и таква теза која со години се врти во нечии глави.