Искомплексирани луѓе, искомплексирана нација, искомплексиран народ, само тој совршен…маж со стил, one and only Никола Димитров, човекот кој со години живее на сметка на тој искомплексиран народ, на чиј грб направил кариера, за да може слободно да менува име на државата како да е своина од дедо му. Притоа додека се јуначи на говорница за тоа колку голема работа завршил, вработените му спијат со кренати нозе на биро, очигледно се практицира некој нов вид дипломатија за кој ние најискомплексираните на Балканот сé уште не сме чуле. Така „бостан“ дипломатијата се заменува со нов термин „боса“ дипломатија, со кој се опфаќа и нашиот неискусен дипломат, а веќе вд Амбасадор во Вашингтон. Тоа е тој процес во кој наместо да се испрати некаков „тешкаш“ од кариера на испомош додека не се назначи нов Амбасадор во можеби најважната држава за нашето битисување, функцијата ја врши некој од подолните ешалони на персонал во амбасадата.
И не треба да не зачуди ваквиот однос на дел од политичарите од власта на кои како да им стана навика да ја вреѓаат интелигенцијата на својот народ од кого за некој месец ќе ја бараат довербата на избори.Токму и стилизираниот министер без (со) комлекс се спомнува како еден од можните кандидати на власта за иден претседател на државата. Е па ако го земеме во предвид нивото на девалвирање на гласачкото тело со неговите изјави сосема логичен слоган за кампањата би му бил „подобро згоден, отколку паметен“, како што и самиот си напиша на својот Фејсбук профил, па да видиме како ќе помине.
Ќе не носеле во ЕУ и НАТО по секоја цена, а самите со менталитетот не мрднале од Балканов. Ни трошка емпатија, ни трошка самокритичност во однесувањето ама затоа ароганција во изобилие и говори полни со флоскули за претстојното европеизирање. Чиниш им е под ниво да разговараат со народот од кој јадат леб секој ден и уживаат привилегии години наназад. Па навистина што има тука да им објаснуваат и да губат време на некои бедници кои со сиот памет ги изгласале и им дале доверба да ја направат државава подобро место за живеење. Не за џабе командант Вентили изјави дека нема што тој да објаснува на граѓаните за воздухот што го дишат, нека бидат среќни што го пуштил вентилот за вода да пијат.
Некако забораваат дека власта која во моментот ја држат прво не е вечна, а второ не им е заслужена со изборна победа туку истата им е подарена за да го спроведат токму ова црно сценарио кое што го спроведуваат во моментот – промена на името и идентитетот. А притоа додека си играат држава за да ја прикријат својата неспособност апсат и се изживуваат врз политичките неистомисленици сé во името на некаква си правда која очигледно има цена и истата најскапо ја плаќаат најневините. Есапот во пазраот стана многу поважен отколку реформите. Некако не ми звучи европски, но нејсе.
Зборуваат за европеизирање, а секојдневно сме сведоци на неработење, на порозност во секој сегмент на општеството. Каков е тој европски менталитет кој што треба да го прифатиме кога министерот за внатрешни работи не си дава оставка после скандалозното бегство на Груевски, после најновата афера со прислушкување, сега на ОЈО и Основен Суд 1? Тоа ли е таа Европа кон која се стремиме? И во Европа ли спијат на работа?! И таму ли градоначалниците играат игрици за да не ги слушаат пратениците од опозицијата кога ги критикуваат иако тоа е основата на парламентарната демократија?! Тоа ли се тие европски стандарди кон кои се стермиме, а кои ги применува власта?! Е па ако се, тогаш подобро да си останеме искомплексирани какви што Димитров вели дека сме, затоа што ако веќе се менуваме тогаш логично е да се менуваме на подобро, а не на побетер.
Мартина Антиќ