Да се чуди човек како во Македонија брзо се менуваат ставови и страни. Молњевито се осознаваат одредени вредности и жестоко се бранат истите иако пред само некое време си се борел против нив и си ги напаѓал. Веројатно тоа се должи на надојдената слобода. Кога си слободен дишеш со полна плуќа, добиваш повеќе кислород во мозокот и ти се отвараат видиците кои претходно или не си ги гледал или не си смеел да ги видиш.
Така на пример ако пред 10 дена си гласал против за ставање на точка на дневен ред за промена на Устав и притоа си везел на Фејсбук профил дека нема да гласаш против уставни измени, после неколку дена тоа не важи и не само што гласаш туку и жестоко ја браниш таквата одлука. Везеш како тоа се принципи на паралментарната демократија дека и ти како пратеник треба да дадеш шанса за разгледување на уставните амандмани па и види мајката истите да ги подобриш.
Среќа што Заев и шарената револуција го турнаа режимот со пенкало па ги ослободија функционерите од ВМРО ДПМНЕ против кои до пред некое време се бореа. Замислете го тој душевен терор да бидеш дел од режим, да бидеш приморан да ги кршиш сите демократски начела во својата држава, да учествуваш во киднапирањето на државата и свесно да ја држиш во изолација, а со тоа да придонесуваш за полош живот за граѓаните. Навистина не е лесно да го правиш тоа, да се погазуваш себеси и да трпиш не една или две туку цели единаесет години. Замислете како се чувствувале кога морале да ја бранат програмата во која јасно е напишано дека нема да поддржат промена на уставното име на Република Македонија и врз основа на тоа да добијат мандати за пратеници и министри. Па луѓе мои не треба да им замеруваме на луѓево, туку треба споменик да им направиме, заедно со ослободувачот Заев на чело.
Кој знае колку им било тешко и се кршеле во себе кога морале да „сечат“ глави на свои партиски браќа и сестри доколку имале став различен од партискиот. Ама ќутеле, траеле, трпеле во себе и го очекувале ослободувањето од Заев, сигурни дека кога тогаш ќе дојде и тие ќе блеснат и ќе кажат сé против сектата од која и тие до пред некое време биле дел.
Толку е трогателна нивната приказна што и главните креатори на јавното мислење како Ордановски, Геровски, Кокаланов, Јовановски итн. осознаа колку демократски капацитети имаат овие луѓе, па сé она што верглаа против нив: за украдените милијарди, за биснисите, за партиското судство, за нагрдениот град, за украдените избори, за министерот смрт, сé тоа го повлекуваат. Покајнички признаваат дека згрешиле и во обид да ја поправат грешката што ја направиле пишуваат пофални колумни отпоздравувајќи ги демократските капацитети и прозападните ориентации на жртвите соработници на режимот.
Мартина Антиќ