После повеќе од четврт столетие возобновена македонска самостојна,независна и суверена држава,македонскиот народ, но и сите граѓани кои Република Македонија ја чувствуваат како своја држава,како држава во која формираат семејства, ги подигаат своите деца, творат и создаваат, се исправени пред нов, можеби најтежок предизвик.

За оние, пак, кои Македонија не ја чувствуваат како татковина, туку само како простор за живеење, едните како територија која допрва треба да се освои во полза на великодржавните соништа, другите како недосонуван, на 8 септември 1991 година прекинат сон од минатата држава, која, заради привилегиите што ги уживаа, постои уште само во нивните глави,е за нив, не постои ниту предизвик, ниту дилема. За нив е повеќе од јасно – Република Македонија, заедно со историјата, идентитетот и името треба да се жртвува заради нејасни, магловити, можеби и недостижни, а како што тие милуваат да речат “безалтернативни цели“ – влезот во НАТО и ЕУ.

На сите нив,морам да им се обратам со зборовите на германскиот филозоф Имануел Кант : “Sapere aude“!!! Или , “Осмели се да знаеш“!!!

Она што Кант го порачал тогаш, пред повеќе од 250 години, денес важи двојно повеќе – луѓето да го слушаат сопствениот, а не туѓиот, наметнатиот разум. Токму во име на разумот, оној сопствениот, мораме да разбиеме една заблуда која веќе со децении се провлекува во македонското општество. Заблуда дека стапувањето во воен сојуз како што е НАТО, или во сојуз на европски држави како што е ЕУ, не можат сами по себе да бидат крајна цел и врвен приоритет, како што лажно се претставува.

Врвен приоритет, крајна цел и трајна првостепена вредност за секој народ кој создал своја држава е независноста, самостојноста и суверенитетот на државата и благосостојбата, демократијата и правдата за нејзините граѓани. Сфатено така, секоја политичка одлука за стапување или истапување од некој сојуз, кој не претставува еднаш за секогаш дадена големина, може да биде само средство за остварување на целта, односно, второстепена вредност за суверенот во државата, нејзините граѓани.

Имено, независноста, самостојноста и суверенитетот на една држава и постоењето на еден народ, преку зачувување на името, историјата и идентитетот на народот и државата, се неотуѓиво човеково право кое се стекнува со самото раѓање, наспроти стапувањето или истапувањето од  сојузи, што е чисто политичка одлука, која би требало да биде потврдена со целосен национален консензус, но одлука која во никој случај не смее да задира во споменатото неотуѓиво човеково право.

Токму затоа, овде ќе напишам : “Што значи тоа да се биде слободен ?“

Ова,пред повеќе од две и пол столетија, го запрашал еден од најголемите филозофи на човештвото, Франсоа – Мари Аруе, познат како Волтер. Па одговорил : “ Тоа значи да се размислува правилно и да се познаваат човековите права. Кога човекот ќе ги осознае своите права, ќе умее и да ги брани.“

Во контекст на ова, станува очигледно дека се повеќе Македонци стануваат свесни за своите права на самоопределување, самоименување, поседување историја и идентитет и дека ќе умеат да си ги одбранат. Конечно и дефинитивно, на 30 – ти септември, игнорирајќи го референдумскиот ден,како последен ден од еден процес насочен токму кон укинување на нивните неотуѓиви права.

Затоа, на 30 – ти септември, сите кои “ќе се осмелат да знаат“, според Кант и кои, размислувајќи правилно, ги познаваат сопствените човекови права, според Волтер, седејќи дома и непризнавајќи го референдумското прашање за себеукинување, како последен чин на еден длабоко антимакедонски процес, ќе испратат моќна порака. Ќе испратат порака до насилно скрпеното парламентарно мнозинство  дека сите тие кои не излегле да гласаат на референдумот, не се должни да објаснуваат дали одејќи накај гласачкото место се препнале,си ја шинале ногата, па не стасале да гласаат, им се разболело детето па не можеле да појдат, или едноставно собирале печурки по убавите македонски планини.

Наспроти тоа, токму насилно скрпеното парламентарно мнозинство е должно да докаже дека има поддршка за поставеното референдумско прашање, што ќе рече, дека има поддршка за политиките кои ги води. Референдумот го подразбира единствено тоа – распишувачот на референдумското прашање да обезбеди согласност за политиките содржани во прашањето.  Се друго е подмолна лага и манипулација од најдолен вид.

Во врска со ова, уште во далечната 1762 година во делото “Општествен договор“, Жан Жак Русо ќе напише:

“Согласноста на народот е единствената основа врз која се темели авторитетот на една власт.“

И затоа, доколку во 19.00 часот на 30 – ти септември оваа насилно скрпена власт не докаже дека има согласност од народот, како единствена основа врз која може да се темели нејзиното понатамошно владеење, нека не ни помислува дека преку авторитетот на силата ќе успее да ја погази народната волја. Едноставно, нека прифати дека ја изгубила ионака сомнителната основа врз која се темели авторитетот на нејзиното владеење – согласноста од народот. Колку побрзо го сфати тоа, толку подобро за државата и нејзините граѓани.

П. С.

Текстов е препорачано четиво и за претставниците на таканаречената меѓународна заедница во земјава, чии држави се изградени токму врз цитираните филозофски начела. Дури,препорачливо е секоја вечер пред спиење да ги препрочитуваат зборовите на Жан Жак Русо дека  “согласноста на народот е единствената основа врз која се темели авторитетот на една власт“, како лек за ментална сепса предизвикана од неолибералната епидемија.

Страшо Ангеловски

Авторот е претседател на МААК