Воислав ЗАФИРОВСКИ

Охридскиот рамковен договор ја одигра својата улога и ги постигна целите заради кои беше донесен.
Најзначајното постигнување на Охридскиот рамковен договор беше отрезнувањето – дека нема и не може да има воена разрешница на натрупаните општествени проблеми; дека проблемите треба да се решаваат со дијалог, во рамките на демократските институции на државата, со чесни намери и искрена желба да се изнајдат заеднички прифатливи решенија и конечно, ја апострофира неопходноста од реформи на вкупниот општествен, политички и економски систем, не затоа што тоа некој друг од нас тоа го бара, туку заради нас самите и перспективите на демократскиот развој на земјата.

Во Собранието на Република Македонија веднаш потоа беа донесени амандмани и тој стана дел од Уставот на земјата. Од тогаш, Охридскиот рамковен договор не постои, едноставно тој е дел од Уставот, така што глупаво звучат прашањата, барањата и коментарите колку и до каде е тој имплементиран. Таквите коментари го ставаат тој договор над Уставот, а суштински, тој е дел од него.

Ако има проблеми околу имплементацијата на уставните одредби кои произлегуваат од тој договор, тогаш имаме проблем и сет нерешени прашања што се однесуваат на почитувањето на Уставот.

Исто така, секој разумен човек знае дека Уставот треба да важи за сите подеднакво и тоа како интегрален правен акт, не само сепаратни делови од него, а тие што се повикуваат на тој договор, во нивните настапи најмногу боде очи присутната иконографија, која без исклучок е без ниту еден симбол на државата од која се бара негово имплементирање. Некои или не знаат или забораваат дека во секоја организирана заедница постојат права кои произлегуваат од исполнетите обврски и споделените одговорности во заедницата. Се добива впечаток дека Република Македонија презела обврски кон друга држава, а не кон сопствените граѓани, без разлика на која етничка заедница тие припаѓаат.

Во таа смисла, Уставот нужно мора да понуди шанса на секој граѓанин во државата, но под еднакви услови, каде што предноста ќе ја имаат стручноста и компетентноста.

Да, во Република Македонија е познат принципот на позитивна дискриминација, но тоа треба да биде исклучок, а не правило, особено не кога се во прашање работни места и позиции од чии одлуки зависи иднината, зависат многу човечки судбини. Тие позиции треба да ги добијат најдобрите кадри, без разлика на нивната национална, верска, полова и партиска припадност и без разлика на социјалниот статус, не како до сега балансерот да определува кој партиски шут е на ред за прием.

Договорот од Нивици е спротивен на меѓународно правниот поредок, бидејќи уредува прашања кои се од корпусот индивидуални права и слободи на граѓаните, нешто што е гарантирано во Повелбата за човековите права и слободи на ООН, во Европската конвенција за човекови права и слободи, а од правен аспект, од аспект на македонските граѓани, тој договор е велепредавнички.

Индивидуално право е правото на себеименување, колективно право е правото на именување на сопствениот јазик, нација и држава и во тоа никој нема право никому да се меша, макар тоа биле тие од Калето или нивната администрација од Вашингтон.
Со овој договор Македонија станува држава копиле, преименувана и со новокомпонира нација – северномакедонска, од која можете слободно да го отстранете тоа македонска, бидејќи правото на името Македонија е екслузивно грчко право. Станавме народ без своја историја, без своја култура, без свое културно-историско минато. Се што се случувало на овие простори преку ноќ стана хеленско, а народот или народите што живееле тука на овие простори немаат ништо заедничко со денешната македонска нација, макар што од другата страна на границата, на југ и исток, се уште живо се говори Македонски јазик, се негуваат обичаите, фолклорот и се останато што е заедничко со нас. Дури и вековните огништа зад границата, тој договор не обврзува да ги нарекуваме според грчките имиња, не според вековните им имиња, кои асимилаторската политика на јужниот сосед во триесетите години од минатиот век ги преименува во грчки и санкционираше се’ што беше или им личеше на Македонско.

Значи, како нација треба да заборавиме и да се согласиме со тоа дека не сме Македонци, туку новокомпонираните копиљаци од север, дека нашите роднини од онаа страна на границата не зборуваат Македонски јазик, не негуваат Македонска култура.
Тоа нема да остане така, без разлика на цената и дали некому му се допаѓа или не.

Ваков штетен договор може да прифатат Заев, Димитров, Бучковски, Тричковски, Маричик, Јовановик, неодминливата југо – србо – бугарска креатура Малевски и останати залебени и “просеверени” ликови, за што неуспешниот референдум од 30.09.2018 јасно говори за политиките на апистрофираниве.

Како човек што цел живот го посветил на проучување на безбедносните проблеми, и не само последично, туку причинско последично, одговорно тврдам дека договорот од Нивици е опасен за Балканот и за Европа во целост. Тој е темпирна бомба со одложено палење, која во одреден општествен момент може да експлодира и целиот Балкан да го крене во воздух.

Уставниот суд на Македонија има можност да го обели сопствениот образ и барем еднаш да излезе од вообичаената шема на одлучување за тоа дали снегот паѓа или вее, и врз основа на правните аргументи, договорот од Нивици да го поништи како спротивен на Уставот бидејќи е потпишан од лице без таков мандат, спротивно на изразената народна воља на неуспешниот референдум; штетен за македонската држава и нација и опасен по безбедноста на целиот регион.

Ова е порака и до тие од Калето и нивната администрација во Вашингтон, ако искрено сакаат стабилизација на Западен Балкан и на Европа воопшто, треба веќе еднаш да престанат со експериментите со слободите и правата врз живи нации и да ја тестираат нивната трпеливост. Таквата игра е не чесна на долг рок, не достојна за државата која ни е стратешки партнер и воедно една од најмоќните земји во светот.

Големина и демократскиот капацитет се покажуваат со почитување на слободите и правата секому поединечно, на секој народ и нација, особено на оние помалите, кои со векови на назад се бореле и се уште се борат за нив, а се борат со некои кои се помоќни, поголеми и побогати; не со закани, не со гушење на чувствата, себеспознајата и исконската меморија за појмувањето на сопствените културни и историски корени.
Впрочем, без разлика на се’, и Давид го победил Голијат.