Воислав ЗАФИРОВСКИ
Република Македонија во континуитет, една деценија е во политичка криза и никако да излезе од неа.
Причините за децениската криза е отсуството на самостојни, автентични државни политики кои ќе се инспирирани од АСНОМ ците, потребите и иницијативите на македонските граѓани, од стопанствениците, од МАНУ, кои најдобро знаат што, каде и како треба.
Сепак, отсуството на демократски сенс кај властите, личното чувство и себедоживување како божества во однос на македонските граѓани кај првите луѓе во власта од една страна и нивниот поданички, флуиден и подлизурен однос кон странските амбасадори од САД и западните земји, од друга страна, до тој степен ги однародија и отчовечија тие први луѓе од власта, што денес спроведуваат туѓи агенди, прифаќаат предлози неприфатливи за македонскиот народ кој очигледно повеќе и за ништо не се прашува. Политикантите што ја водат Македонија, глупирајќи се, се правдаат дека носат “храбри одлуки” за доброто на државата и македонските граѓани, кои, уште еднаш ќе повторам, никој и за ништо и не ги прашува, небаре се недоветни или не дај Боже со ментален хендикеп.
Деновиве слушаме дека сме морале до крајот на годината да ги донесеме уставните измени за доброто на Македонија, бидејќи некои некаде во Белата куќа (во истата во која некогаш Тито пушеше пура, а покрај него само уште Моника Левински има пушено) ќе се запрашале каде е Македонија на европскиот пат, небаре ним им е побитно откулку на нас самите, тука, во Македонија.
Дали македонскиот народ има право сам да го избира своето добро кон кое ќе се движи и начинот за тоа како ќе го стори или мора да се движи по наметнати агенди за остварување на нечии туѓи, глобални интереси, од кои Македонија нема буквално ништо со и од тоа, агенди за кои големото мнозинство граѓани сметаат дека на државата и нанесуваат големи и далекусежни штети?!
Зошто плашила, зошто закани, зошто дипломатски булдожери, зошто се некој друг ни кажува што е добро за нас, а што лошо или опасно. Зошто некој недоветни и милитантни некогашни терористи се почесто се закануваат со оружје и кому?! Зарем забораваат дека никој не им се плаши?!
Јас не знам или барем не се сеќавам дека некој некому му дал мандат да одлучува на начин кој е спротивен на Уставот, на начин кој го дерогира правото и можноста на граѓаните да одлучуваат за сопствената иднина. Впрочем, во граѓаните е суверенитетот, не во храбрите шупелковци.
Ние сме народ со вековна култура, народ со културно и историско наследство со кое се гордееме и немаме од што да се срамиме за разлика од тие кои ни поставуваат неприфатливи домашни задачи.
Срамно е ако тие што ни даваат задачи и не условуваат, не се срамат од сопственото минато исполнето со убиства, грабежи, експлоатација на народи држејќи ги во колонијално ропство и третирајќи ги буквално како диви животни. Тоа би значело дека ниту ги научиле, ниту сакаат да ги научат лекциите од своето срамно минато.
Тоа што паѓа во очи, онолку колку што оваа власт ја нема поддршката од тие што ги бирале, од тие кои им го дале мандатот, толку истите тие ликови се поддржани од странските амбасади и амбасадори, чија вообичаена навика стана, многу често дури и на недипломатски начин, безобразно и безобѕирно да се мешаат во внатрешните работи на македонската држава, што е спротивно на Виенската конвенција за дипломатски односи.
Нормално, реакции на таквите мешетарења од званичните власти нема, но затоа има однос на понизно, некритично прифаќање на се што доаѓа од нив. Дури и самите молат да доаѓаат дипломатски “булдожери” од запад да вршат притисок врз нивните неистомисленици, а тие се преку 80% од македонскиот народ.
Примери има многу, но некои се толку очигледни, провидни и непринципиелни, што послушниците од власта во паника постапуваат хистерично, непочитувајќи ниту устав, ниту закон, ниту деловник за работа… очигледно, имајќи ја поддршката на амбасадите и амбасадорите, им се може, а судовите и судиите молчат, не смеат глас да изустат, а да не зборуваме за фикусната ДКСК во која се однесуваат како мали озарени деца седнати на нокширче.
Претседателот на државата, кутриот, ги менува ставовите како чорапи. Еднаш излегува со цврст став дека нема да дозволи да поминат закони и решенија кои се спротивни на Уставот, спротивни на законите, решенија кои се штетни за работниците…а кога ќе треба истите да ги озваничи, со некој глупав, неиздржан изговор, истите без поговор како мало, непораснато дете ги потпишува.
Ваквата перманентна практика претседателот на државата одамна го направија политички покојник, лик без дигнитет, без интегритет, лик без личност, кој стигне го прескокнува. Јадна, безгласна фигура.
Во вакви околности, Република Македонија е зрела за избори, особено што со претседател на држава кој одамна е “политички покојник”, а премиер до толку однароден, што во јавноста се доживуваат само како алатка во рацете на ДУИ и неколку амбасади и амбасадори во Македонија.
Многу срамоти проголта македонскиот народ (под страшен и непринципиелен притисок смени знаме, смени устав, смени име, не обезличија, од Македонци не направија коси црти…), многу срамни постапки доживеавме за една држава која себе се декларира за демократска, а всушност граѓаните никој и за ништо не ги прашува, одлуките ги носеа некои храбри шутраци со странски ментори, кои за разлика од разумните луѓе, не можеа ни да ги претпостават, а камо ли да ги согледаат последиците од нивните предавнички одлуки.
Властелините нека ги погледнат, нека ги прочитаат објавите, статусите и коментарите на твитер, на фејсбук и наместо по институциите да покренуваат дисциплински постапки и да ги казнуват вработените за коментарите на социјалните мрежи, нека си стават прст на глава, под претпоставка главата да не им служи само за шишање или за чешлање и нека размислат кон што води обезличувањето на Македонија и Македонците.
Ако изборите се замислени како натпревар на идеи, на концепти, на стратегии и развојни визии, тогаш стартната линија за сите треба да биде иста и секој треба да трча за себе. Само тогаш и на тој начин, политичкиот плурализам има смисла и има цел, а изборите ќе бидат еден вид граѓанско плебисцитарно изјаснување за тоа кои политики се прифатливи, а кои не; кој пат е избор на Македонија, а кој не!
Избори, а потоа и одговорност за сите злодела, и за булдожерите од Бехтел и Енка кои никаде ги нема, за сите предавства и ресет на зарѓаниот нефункционален општествено економски и политички систем, за да создадеме услови да ни се врати богатството – да ни се вратат младите во Република Македонија, единствената матична држава на Македонскиот народ!