Воислав Зафировски
Помина релативно долго време од најавата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека отворила предмети за Мицковски и за Заев, но нема никаква информација за епилогот од двата отворени предмети.
Составот на ДКСК беше бомбастично најавуван како професионален и непартиски тим кој е избран на транспарентен начин, тим кој не селективно ќе води борба против корупцијата во Република Македонија. Арно ама, уште при именувањето се јавија контрoверзи околу изборот на двајца нејзини членови. Но ајде, непотизмот не е новина во функционирањето на македонскиот државен апарат, ова го спомнав колку да се знае дека не сме граѓани со кусо помнење.
Комисијата веднаш засука ракави и наместо приоритетно да ја ревидира Државната програма за борба против корупцијата и судирот на интереси, таа се зафати со работа по предмети за кои постои сомневање дека се во судир со Законот за спречување на корупцијата и спречување на судир на интереси. Човечки е и ова да се прифати како сосема легитимен пристап.
Меѓутоа, многу симптоматично за непристрасноста на ДКСК беше отварањето на предмет против лидерот на опозицијата Мицковски, онака на ден пред изборниот молк во вториот круг на претседателските избори. Не велам дека Мицковски е чист, не велам ни дека не е, не знам за да можам да кажам што било, но да се отвори случај во таков чувствителен тајминг, во најмала рака е јавно заземање страна што е не допустливо за една таква институција и директно трансформирање на Комисијата во алатка во рацете на актуелната позиција.
Сепак дека нешто шкрипи во поглед на професионалноста, стручноста и непристрасноста на членовите на ДКСК, со чест кон исклучоците, говори и обидот да се направи некаков баланс, па се отвори предмет за премиерот на „Република Северна Македонија“, Зоран Заев. Не дека не треба да се отвора/ат предмети за него, туку не треба да се отвораат за нешто што и на врапците им е јасно дека е затворена приказна.
Ако членовите на ДКСК не знаат, требало да прашаат, а знам дека во стручната служба има квалитетни луѓе што го познаваат правото, па тие сигурно ќе им кажеле дека случај кој ги поминал сите судски инстанци, случај кој има конечна судска разрешница е завршена приказна, приказна која колку и да сакате не можете да ја отворите. Во правото има еден израз “res judicata”, кој значи – веќе пресудено.
Во правната теорија и практика се вели дека за едно исто дело никој никому не може два пати да му суди и тој принцип егзистира со векови наназад (доколку не се јават нови докази или доколку не се јават докази дека постапувањето при пресудувањето било незаконско, тоа е работа на истражни органи, а ДКСК не е тоа).
Затоа и зачудува леснотијата со која ДКСК се огласи дека ќе отвора предмет за премиерот на „Република Северна Македонија“, Заев (ова Северна, го пишувам од почит кон премиерот, чунки тој така се декларира), кој во случајот Глобал, е аболициран од тогашниот претседател на Република Македонија, Црвенковски, за криминал тежок околу седум милиони евра, а во случајот Поткуп и покрај снимката од посебните истражни мерки на обвинителството, која јавноста имаше можност да ја види, е ослободен од кривичен прогон со ослободителна пресуда на Основниот суд Скопје 2, а подоцна и со ослободителна пресуда на скопска апелација.
И сега ДКСК отвора предмет што судот го затворил?! Аферим…и што ќе се случи сега?! Некој да не очекува дека ќе биде поништена аболицијата или можеби ќе ги сменат ослободителните пресуди на судовите?! Глупости! Тоа правно не е изводливо, токму заради принципот res judicata.
Сега ДКСК молчи за двата отворени предмети. Зошто, затоа што тие си ја завршија својата работа. ДКСК со отворените предмети успешно ја испорача добиената задачата, лидерот на опозицијата на извесен начин беше уценет да го повика членството на гласање за да се добие цензус на изборите, а ќорфишекот со отварањето бајат (беспредметен) предмет против Заев, е обид да се замае јавноста дека нешто не селективно се работи. Ваквиот глупав и простачки пристап, се разбира можеше да помине само кај исклучително неуките граѓани и кај никого повеќе.
Токму затоа, порака до тие во извршната власт, пред што и да побараат од некого, без разлика за кој или за која институција станува збор, нека направат консултација со тие што се подобро упатени во одредена област, за да добијат совет за тоа што можат во рамките на законот да сторат, а што не!
Исто така и порака до институциите, што и да побараат властелините од извршната власт, институциите, вработените во нив треба цврсто да се држат до законот, тој е единствената гаранција за интегритетот на вработените во администрацијата, за нивната не пристрасност, тој е гаранција дека нема да се брукаат и да испаднат смешни во очите на јавноста.
Оној момент кога некој ќе прифати да бидете алатка во рацете на властелините, тој се откажува од сопствениот интегритет, сам го погазува сопствениот статус на професионалец и нема кредибилитет да говори за неселективна борба против корупцијата и судирот на интереси, а камо ли да се бори и да креира политики за борба против коруптивните појава.
За крај, власта од петни жили се труди да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, но заборава дека во Европа не се влегува со поданички или вазалски однос, туку со исполнети и испорачани политички и економски критериуми. Ако една држава има што да испорача како стандард на живеење, како ефикасна и ефективна борба против корупцијата и организираниот криминал, како консолидирана судска власт и владеење на правото еднакво за сите, можете да се ослободите од вазалскиот и поданичен однос, бидејќи тогаш ќе нема зошто никој пред никого да витка кичма. Вака остануваме во чекалната во која станува тескобно понатаму да се чека, но така е и така ќе остане се додека државата е раководена од извршители, а не од креатори и стратези.
Ех, тоа пусто блескаво турско!