Воислав ЗАФИРОВСКИ

Со предложениот закон за рестрикции од страна на северната влада, Република Македонија дефинитивно продолжува да го распродава својот суверенитет.

Денес нема да пишувам за тоа како северната влада се става над обвинителско судската власт, која според нашиот Устав треба да биде независна, нема да пишувам ни за начинот на кој извршната власт се обидува да ги стави во потчинета положба останатите две власти, не, ќе пишувам за нешто друго, за нешто што покажува каква е состојбата со присуство на странски инсталации во Македонија кои работат за разузнавањето на Соединетите Американски Држави (САД) и Обединетото Кралство (ОК).

Интересно е што никој не зборува за тоа на кој начин разузнавачките служби на САД и ОК добиваат и располагаат со информации и податоци за тоа кој се во Македонија е вплетен во криминал и корупција.

Факт е дека во суверена држава не може да има легално присуство на странски разузнавачки служби, освен доколку нема некаков билатерален договор, но и тогаш, со договорот многу јасно се дефинираат ингеренциите, надлежностите, времетраењето и опфатот на договорените конкретни активности и јурисдикцијата за постапување по предметите кои ќе произлезат од активностите на странските служби.

Со други зборови, државата Македонија е таа која има обврска да биде таа која ефикасно и ефективно ќе ја гарантира безбедноста на своите граѓани и ќе се справува со криминалот и корупцијата на целата територија на републиката и никој друг повеќе.

Тоа значи дека во Македонија ниту САД ниту ОК не можат легално и легитимно да дојдат до информации за инволвираност на поединци во криминал и корупција.

Логично е прашањето, од каде и како доаѓаат информациите до службите на САД и ОК, за тие да се операционализираат преку ставање на поединци од Македонија на црна листа.

Единствениот легален и легитимен начин на прибирање на информации е од медиумите и НВО. Сепак, ако се има предвид кои се лицата ставени на црните листи, информациите од медиумите и НВО не се релевантни, бидејќи ниту еден од нив не е осуден од надлежните институции во Македонија, ниту пак обвинителството има донесено обвинителска одлука. Да, точно е дека за некој од црната листа на САД се водат судски постапки, но ниту една не е завршена со осудителна пресуда.

Вториот можен извор на информации се инсталираните странски „советници“, консултанти и мисионери во државните институции, но и тие информации мора да се проверуваат и докажуваат низ институциите на системот, без тоа се само некакви основи за сомневање кои може, но не мора да се точни. Не верувам дека овие инсталации се користат со тајни методи (следење на комуникациите, тајно снимање и сл.), бидејќи ако се пријатели на Македонија, коректно е тие информации да ги споделат со надлежните институции во земјата. Но не, тие работат подмолно, како на времето 2001/02, британскиот советник на Лавовите Х. Б. чии извештаи подоцна беа основа за покренување на обвинение против тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски.

Нив македонските институции и служби не ги сомничат, тие нам ни се “пријатели”, а всушност цврсто го имаат работењето на институциите во свои раце.

Доаѓаме до третиот извор на информации, вработените партиски инсталации во безбедносните служби, кои се платени или охрабрени да соработуваат со бројната агентура на САД и ОК во Македонија. Потсетете се само на случајот Ел Масри, за кој Македонија беше ставена на столбот на срамот и мораше да плати отштета. Овој канал на прибирање информации и противправна соработка со странски служби е отворен, но повторно тие информации не се верификувани низ правосудните институции во државата. Едноставно се креира приказна за некого од политички, економски или други причини, се доставуваат на вистинското место преку агентурата до амбасадите на САД и ОК, од тука во Стејд департментот и секако ќе се појават на црната листа.

Замислете, македонското обвинителство не повело постапка по допрен глас, а логично е најнапред тука да се слушне за криминалот и корупцијата на поединци, а потоа гласот да се прошири надвор од државата, лицето или лицата да се стават на црната листа и северната влада веднаш, приоритетно ќе бара од обвинителството итно да постапи, при што ќе му се или ќе им се ускратат со уставот загарантираните граѓански права.

Тие знаат, ние не знаеме, а нештата ни се случуваат тука, кај нас, пред нашите политизира и и заробени институции кои не можат да го видат тоа што Вашингтон и Лондон го гледаат.

Зарем не знаевме за Анѓушев, за Мерко, како и останатите на црната листа на САД. Зарем не знаеме за Заев, Ковачевски, за Груби, за Спасовски… знаеме, но нема политичка воља, ниту поддршка од стратешките партнери да се покрене независна истрага за нив, бидејќи тие се уште имаат некаква употребна вредност.

Ако по допрен глас Обвинителството не покренало постапка до моментот на ставање некого на црната листа на САД или на ОК, македонските безбедносни служби треба да ја информираат владата, а овие обвинителството преку посредство на странски држави? Ова особено ако се знае начинот на кој странските служби доаѓаат до чувствителни информации.

Северната влада, најбезобразно си креира алатка со која ќе може да се справува со своите политички опоненти, во име на странски држави, алатка со која се става над граѓаните и ја одзема независноста на судската власт или овозможува на странски држави да елиминираат лица кои се опоненти на нивните глобалистички политики, но не и тие што се уште имаат некаква употребна вредност.

Што е многу, многу е. Излегува дека УДБА ни се враќа на голема врата. Што би било следното, создавање на македонски голи оток за политичките опоненти, неистомисленици на власта на Змискиот остров во Преспанско Езеро?

Ова говори дека во Македонија нема конзистентен правен поредок, нема систем на функционирање ниту на правото, ниту на институциите, нема слобода на мислата, но затоа има хибридна подлизурна автократска власт која со својата жед за владеење предизвика и се уште предизвикува штетни последици по самостојноста, независноста и суверенитетот на Република Македонија и директна штета на македонските граѓани.