Воислав Зафировски
Македонската Влада на 123-та седница ја констатирала поднесената оставка на директорот на Истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, но ќе ја разгледа по завршувањето на претседателските избори.
“– Со оглед на тоа што оставката е поднесена во период откако се објавени претседателските избори, истата ќе се разгледува по завршување на изборите, штом заврши забраната за разрешување и именување согласно Изборниот законик, се наведува во соопштението од владината прес-служба.”
Изговорот на Владата за причината зошто сега не ја разгледува отставката на директорот на Истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, е толку наивен, ступиден и не издржан што се повеќе сум убеден дека премиерот Заев е опкружен со неодговорни и парлакати партиски кадри, без кои, како што изјави самиот во една прилика, ако туку така ги разрешува ќе нема со кого тоа да соработува, завалијата.
Започна со Боро Стојчев, градоначалник од редовите на СДСМ, сега поранешен, на Ново Село, кој покрај градоначалничката функција си имал и семеен бизнис – шверц на цигари, за што кутриот и претходно бил осудуван, а откако го фатија на волшебен начин судот во Струмица не го испрати таму каде што завршуваат криминалците. Судот не ги имал предвид отежнителните околности – дека Стојчев пред се е носител на јавна функција; дека претходно е осуден за истото дело на условна осуда, заради што и без судење требаше да го испрат на издржување на изречената условна казна, но за сметка на тоа Судот ја имал предвид единствената олеснителна околност – блискоста и семејното пријателство на Стојчев со премиерот Заев; нештата продолжија со градоначалникот на Демир Хисар Марјанче Стојановски, од редовите на СДСМ, кој беше уловен на аудио визуелна снимка како се заканува на своите сограѓани, веројатно не истомисленици, тврдејќи дека како припадник на МВР им ги слуша телефонските разговори. Не дај боже да беше човек од опозицијата, тоа ќе беше не видена хајка, вака опозицијата го актуелизираше настанот, но претседателот на СДСМ и актуелен премиер Заев, го стави под заштита својот пулен, релативизирајќи го целиот тој настан; следниот не изживеан функционер за кој премиерот Заев кажа дека бил голем (веројатно партиски) стручњак и доколку од него се откаже тој ќе нема со кого да соработува, беше Лазе Велковски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, кој со службен џип и службен возач – полициски службеник си ја испрати ќерка си на шопинг во јужна Македонија, во Солун. И наместо да понесе сериозна одговорност за стореното, истиот тој лик беше награден и поставен за прв човек на Одделот за организиран криминал (?!). Милина, другарчиња кој од кого поарен, покадарен.
Сега вака на јавна сцена доаѓа случајот со Ѓоко Котевски, чие не одговорно менаџирање, и покрај бројните претходни забелешки од Народниот правобанител, доведе до сериозен инцидент со одвоените физички напади на Миле Јанакиевски и Спиро Ристевски во Истражниот затвор во Шутка, со што и на меѓународен план и е нанесена непоправлива штета на Република Македонија. Премиерот Заев, како и министерот за правда д-р Десковска побараа одговорност од директорот Котевски, кој љубезно, без поговор прифати да биде одговорен за инцидентот, за на 123 – та седница на Владата да се констатира дека биле распишани претседателски избори и согласно Изборниот законик, заборавајќи да го спомнат и Законот за спречување на корупцијата, во време на распишани избори не може да се разрешуваат и именуваат функционери.
Има неколку работи кои премиерот и владините министри ги забораваат. Првата дека и кога побараа отставка од Котевски изборите беа распишани. Втората дека ниту Изборниот законик, ниту Законот за спречување на корупцијата не забрануваат смена на неодговорен владин функционер кој нанел непоправлива штета на државата. Токму во Законот за спречување на корупцијата е дадена можност Државната комисија за спречување на корупцијата да даде согласност за разрешување, а Владата за периодот до крајот на изборите може да постави в. д. директор на затворот.
Не верувам дека ова не го знаат во Владата, затоа од тука и отворен сомнеж за тоа дека инцидентите биле нарачани (не знам од кого), како и сомнеж дека со одлагањето на разгледувањето на отставката (се прашувам што тоа толку ќе разгледуваат, ама нејсе), се игра на кусото помнење на јавноста, особено што фокусот за целиот тој период ќе биде на претседателските избори, па отставката без поголема помпа нема да се прифати затоа што Котевски во наредниве два месеци ќе ги покаже своите менаџерски способности. Со други зборови сите среќни – и нарачателите и овозможителите, по онаа народната – ем волкот сит, ем овците на број. Сето ова наликува на собирање на пајажината од таванот, без да го решат пајакот, па така, нема, нема, оп повторно висат пајажини како ортоми.
Токму од тие причини воопшто нема сомнение дека се игра на тоа сценарио, в’прочем како за цело време на функционирање на актуелната коалиција. Единствениот што беше тргнат од јавната сцена до сега беше авантуристот од Аргентина, кому јавноста му беше бесна за расипништвото и комодитетот во менаџирањето со институцијата со која раководеше. Но јавноста очекуваше така да се постапува со сите именувани функционери не само со него. Меѓутоа тоа што јавноста не го знаеше е дали и колку Аргентинецот му бил близок на премиерот Заев…очигледно не бил од блиското му опкружување.