Воислав ЗАФИРОВСКИ
Од каде човек да почне?!
Од каде, ако не од Владата. Последниот скандал со нејзиниот генсек е мошне интересен и не е баш таков како што и се сервира на јавноста.
Имено според инсајдери, Зекири на 18 март има водено разговори во Обвинителството, по што пет дена му се губи траг и никаде го нема. Тој период, сигурно е искористен за да се пренебрегне неговата вина и одговорност, можеби да се уништи документација која може во сета беда да ја покаже алчноста по народни пари.
Откако се појавува, Обвинителството излегува со наредба за негово стражарно приведување, но не, тој сам се појавува во Обвинителството со својот адвокат без ничија придружба, небаре со тоа ја испорача “политичката” и “морална” одговорност на еден висок функционер од власта. Господине Зеќири, во Македонија сте?!
Обвинителката во две изјави кажа дека Обвинителството знае каде се завршени парите, за некој ден подоцна да одрече дека знае каде се парите.
Сега не ми се јасни причините заради кои Зеќири треба да е во Шутка, кога во периодот од 18 март до определувањето мерка притвор, човекот си имал време и можност да ги договори работите, да ги препеглаат документите кои го врзуваат за кривичното дело што му се става на товар и како херој, пред судот да излезе чист или “само малку извалкан”, за што ќе биде и условно осуден. Се тресеше гората, се роди глушец, се е само еден театар и забава за јавноста, за Владата барем малку да има време да го замие својот засмрден задник.
Зошто го велам ова? Затоа што, сосема е јасно, а сега се надевам и на широката јавност ќе и стане јасно дека Генералниот секретаријат на Владата не треба да врши никакви јавни набавки. Тоа во нивно име го врши Секторот за заеднички работи во Владата, каде што има овластени, лиценцирани лица кои ги вршат јавните набавки.
Длабоко верувам дека во Генералниот секретаријат немаат такво овластено и сертифицирано лице, не за друго, туку заради тоа што така се поставени работите.
Ова сега се повторува и на вториот по ред генсек на Владата.
Ако некои се испоганиле во Владата, а на сите што се таму, особено на премиерот не му пречи, не му смрди реата под носот и молчи, тогаш имаме сериозен проблем токму таму, во Владата.
Што би значело молчењето?
Не знаеле дека некој се испоганил и смрди?!
Заболеле, не дај Боже, од Ковид 19 и го изгубиле сетилото за мирис?!
Јас мислам дека ниту првото е во прашање, ниту второто. Можеби најдобро би било да се проверат самите меѓу себе, дали има некој што уште не е испоганет, затоа што ова смрди од Македонија, до Брисел и до Вашингтон.
Случајов се фрла како коска за глодање на јавноста, во услови кога скоро цела администрација штрајкува, штрајкуваат синдикатите на УПОС, СОНК, полицијата, Пошта веќе половина година е во неформален штрајк, а и судиите најавуваат штрајк, ако не им се покачат платите.
Од каде наеднаш сево ова и дали воопшто е наеднаш?! Не, не е наеднаш, повеќе пати предупредував и не само јас, дека економските мерки треба да се во корелација со економската логика. Еднаш со декрет, спротивно на економските логики, го кренаа минималецот од 12 на 15.000 денари. Ашколсун, храбро! Втор пат повторно со декрет се крена минималецот на 18.000 денари, не водејќи сметка дека тоа оди по спирала. Ако минималецот е кренат за нешто повеќе од 20%, тогаш и сите останати вработени очекуваат приближно толкав пораст на платите.
Зарем премиерот и Битиќи не го разбираа ова додека преговараа?!
Е, сега не можело тоа наеднаш, бидејќи ќе се одмоткало клопчето на инфлацијата. Добро, кому не му беше јасно ова уште во фазата на преговорите, кому?!
Владата заради ДУИ не смее, а синдикатите се уште не ги отвориле, а знам дека нема ни да ги отворат клучните прашања за платите во администрацијата. Тие клучни прашања се – превработеноста и партизираноста во администрацијата; што е со фантомските вработувања на имиња кои не се појавуваат на работните места и никој не ги видел, веројатно затоа што добар дел од нив имаат бизниси, некои се во „Швицарска“, Италија, Германија… а секој први земаат редовна, полна плата, без можност да се бара одговорност од нив и да се санкционираат. Бели мечки.
Ваквите состојби демотивирачки делуваат и кај тие што работат, се е на нивни грб, тоа поттикнува револт, нетрпение и секако неизвршување на работните задачи или завршување без вистински очекуваниот квалитет.
Владата нема претстава дека дивиот пазар во државата цвета во сите сегменти. Со оглед дека институциите ништо не прават по тоа прашање, се добива впечаток дека и тие земаат дел од тој сив колач. Некој ќе рече дека на тој начин се купува социјален мир, но дали тие што така велат, размислуваат дека некој треба и да го полни буџетот?! Таа ништо ниту прави ниту ќе направи на овој план, па од тука и прашањето, зошто некој ќе и плаќа даноци на државата, кога спрегата сив пазар институции беспрекорно функционира?! Дали знаете колку е демотивирачки тоа што треба, а не го правите?!
МНР можат комотно да го регистрираат како туристичка агенција. Во странство испраќа компромитирани партиски мезимчиња за амбасадори и конзули; ликови што се под сериозно сомневање за сторен криминал; или пак се деца, без никакво дипломатско искуство, на што законот инсистира.
Владата и нејзините институции се неспособни да ги решат проблемите затоа што главата ја држи длабоко во песок и не гледа што и се случува дома, небаре некој ги прашува нешто во надворешната политика во која успешно спроведуваат политика на глисто-полжав, со ползење и лигавење. Според Владата, ако таа не ги гледа нештата, тие и не се случуваат.
Руската вооружена интервенција во Украина, дополнително ги измести сите лончиња. Да, за осуда е примената на воена сила за решавање на политички проблеми, тука нема дилема, но при воведувањето на санкции кон Руската Федерација, наместо Владата да се раководи од интересите на граѓаните на Македонија, таа (не и народот) се “вржа” со ставовите на ЕУ и НАТО, не водејќи сметка дека економски џинови, членки на НАТО и ЕУ, како Словачка, Унгарија, Бугарија… а ќе ја спомнам и Турција која е во поодмината фаза на преговори со ЕУ, беа децидни дека нема да воведат санкции против Руската Федерација. Дури и Германија и Франција не се откажуваат од руските гас и нафта. Излегува дека тоа што Владата се “вржала” со ставовите на НАТО и ЕУ, е всушност “вржување” со јамката околу вратот на земјоделците, лозарите, винарите, фармацевтската индустрија и единствената високотехнолошка компанија Микросам која произведува софистицирани делови за воздухопловната индустрија на Русија. Ако и е таа целта, тогаш браво!
За крај и пописот на легендата Симовски, кој вели дека околу 130.000 граѓани не можеле да се попишат, биле по нивите, по одмори. Замислете, 130.000 граѓани! А, кој град во Македонија има толкав број на жители, ако го изземеме Скопје? Ниту еден!
А факт е дека процентите за етничка застапеност се договорени и не се споредени со базите на податоци на МВР за издадени државјанства. Тогаш чуму тој театар, за кој на Владата и требаа 8 милиони евра да ги пропере и да ни го соопшти договореното, за да се даде форма на еден безобразен и безобѕирен фалсификат?!
Покрај толку многу арамии, режисери и комедијантни ликови во Владата, Македонија е стварно богата држава!
Денес со Македонија раководат некадарни, компромитирани политиканти кои се лоши стопани на се’ она со што државата располага и на се’ за што Владата одлучува. Брзи избори се единственото светло во тунелот.
Од авион е видливо дека државата ни е офарбана во есен б – боја. Знаете како изгледа таа боја, тоа е како боја на војничка униформа од времето на ЈНА, ама не таква зелена, туку сега зелената е нешто како „трула“ вишна. Ете таква ни ја направија државата Зоран Заев и неговиот престолонаследник, кому се уште не му го знам името. Знаете, кај нас во маало на прекар се ословуваме.
Верувајте, искрено би сакал да грешам, но….