Воислав ЗАФИРОВСКИ
Република Македонија минатите неколку зими рушеше неславни рекорди по аеро загадувањето – Скопје, Тетово, Кавадарци, Битола, Куманово беа градовите кои многу често, не само на европските, туку и на светските листи за аерозагадување беа на самиот врв или многу блиску до него.
Властите вината ја префрлаа на домаќинствата и цврстите горива, дека тие се главниот загадувач, за сега да излезе дека токму владини функционери учествувале во увозот на канцерогено масло забрането за користење во земјите членки на ЕУ. Меѓу корисниците на овој тип масло наместо мазут за затоплување или во технолошкиот процес на работа го користеле Фени, Брако, Министерството за одбрана…дури и болници се на тој список. Власта вети истрага и санкции, да видиме дали барем еднаш ќе опстои на тоа што го ветила…или ќе остане се како и до сега?!
Темите за аеро загадувањето, за загадувањето на водите, не контролираното сечење на шумите, нивната деградација, загадувањето на земјиштето и воопшто, не грижата за животната средина се неисцрпни.
Меѓутоа има и една друга димензија, која покрај животната средина е особено токсична. Сферата на човековите слободи и права, сите секојдневно сме труени и гушени по разни основи, а замислете Уставот ни ја гарантира здравата животна средина и ни дава гаранции за правата и слободите. Големото уво, бомбите, евро за црквата, евро за Вицето, Рекет 1 и 2…прислушкува кој кого стигне, а судот до денес не утврди кој се’ не’ прислушува!
Какви се тие гаранции за слободите и правата, кога секојдневно, најголемиот број граѓани на Република Македонија (на нашата земја би рекле тие од Север), умираат на рати, исто како и што живеат. Труени се од политичари – обер лажговци чија грижа е личниот профит, провизиите, тендерите; труени од подлизурковци, мешетари, директорчиња, инспекциски служби и државни службеници низ институциите кај кои кога ќе појдете да побарате неке право кое по закон ве следува, ќе развлекуваат и ќе ве враќаат назад како да барате тие од нив нешто да ви дадат, а не законот; труени од лихварите и банкарите кои работејќи со пари на граѓаните на волшебен начин прават добивка од вртоглави милионски суми евра; труени од фирмите под капа на државата и оние што се во монополна позиција на пазарот чии загуби редовно граѓаните ги покриваат; труени од не способниот јавен (читај јаден) партиски сервис од неуки полицајци, професори, лекари, медиуми; труени од обвинителството и судовите чија правда е чудна, не разбирлива, спора и секако достапна само за тие што можат да си ја купат…каде се уставните и законските гаранции, никаде ги нема!
Посебна приказна е реалниот сектор, во кој најголем број од работодавците се однесуваат како луѓето да им се лична сопственост и алатка за правење профит и најчесто се плаќаат под нивото на вложениот труд, време и остварениот профит. Работниците се изложени на лоши услови на работа, без право да приговорат на скратувањето на нивните права, мораат дел од тешко заработените пари да ги примаат под рака во кеш или да го вратат износот добиен како надомест за годишен одмор, познат како К-15, да одат на работа стрепејќи дали ќе го задржат работното место или не.
Уставниот систем е узурпиран и во застој, но затоа функционира некаков друг паралелен, задкулисен систем кој беспрекорно функционира, систем на договарање и преговарање во четири очи и зад затворени врати.
Но мета на тој систем не се само граѓаните, туку и фирмите, компаниите и медиумите на неистомислениците, на тие што се уште не се преселиле на нивниот чуден колосек на пруга без шини, туку се движат по стара, спора пруга трасирана од Уставот и законите во Република Македонија.
Македонија стана токсична средина во секоја смисла на зборот, од загадувањето на животната средина, до гушењето на слободата, преку владеење на стравот наместо на слободите и правата; средина на секојдневни скандали, средина на квалитетно организиран криминал и корупција за кои ако јавноста не изврши притисок, власта наместо да ги суди, ги брани и разрешува од функции и се тука завршува.
Демократијата е систем кој не се остварува и функционира во четири очи или зад затворени врати. Ова особено, што во политичката теорија, демократијата е прашање на избор на граѓаните, а не на елитите, тие треба да се само алатката со која демократијата треба да се остварува низ процес во кој сите ќе бидат опфатени и присутни.
Актуелните власти за овие триесетина, а особено во последниве неколку години, не сторија ништо за да промени нешто од процесот на токсикација на граѓаните на Македонија, од процесот на живеењето и умирањето на рати во сите сфери на општественото, економското и политичкото живеење, а повикува на помирување.
Кој толку не затру, кој толку не подели по сите линии за денес да ни е потребно големо помирување?! На какво помирување се повикува кога општествениот амбиент е контаминиран?!
Приоритет на Владата беа и останува ЕУ и се останато, формално што е во врска со тој процес – релациите со Грција, со Бугарија и тоа по секоја цена, буквално по секоја цена, во карташкиот жаргон се вели се’ фрлија на една карта.
Тоа што Уставот создава обврски, а законите предвидуваат одговорности на властите кон сопствените, македонски граѓани во сите сфери, тоа ниту е битно за оваа власт, ниту посветува внимание. Ним им е битно по секоја цена да ги започнат преговорите, а тоа што ќе нема кој од Македонија да влезе во ЕУ, тоа за нив и не е така важно.
Да заклучам, не е токсична само животната средина во Македонија, за жал се повеќе, како граѓани сме под силен токсичен, ментален притисок на разно разни новокомпонирани елити кои го изгубиле контактот со реалниот живот, кои себе си се доживуваат како супериорни суштества кои се над законот над државата, а доаѓаат од различни сфери од животот. Тие се тој систем што паралелно функционира надвор од демократските институции, креиран во четири очи и зад затворени врати. Токму тие го креираат тој општествен амбиент, во кој владее стравот со уверување дека може да биде и полошо, а не слободата и верувањето дека мора да биде подобро!
Детоксикацијата на амбиентот во кој живееме, нужно мора да биде првиот приоритет, а со тоа и рушењето на паралелниот систем на заобиколување на институциите и носење одлуки во четири очи или зад затворени врати. Само на тој начин ќе се елиминираат причините за стравот од слободата и причините за длабоката поделба меѓу граѓаните на Македонија. Само во таков амбиент може да говориме за живот и приближување кон ЕУ, а не за секојдневно, болно живеење и умирање на рати – типично македонски!