До нас пристигнаа документи кои се сомнежи и индиции за огромен криминал со државни тендери во РЕК Битола во времето на Васко Ковачевски, а укажуваат за притисок и закани врз бизнисмените Васко Василев и Јани Радивчев сопственици на Рубитон, за да ја отстапат работата за ископ на јаловина која ја добиле на тендер во корист на СВ Инвест или да дадат 250.000 евра во кеш на Вице во Хотел Вила Парк во Струмица. Целиот случај е пријавен во МВР, за што е изготвена и кривична пријава. Еве ја… но истата според нашите информации претрпела измени во ЈО или во МВР, и е изваден делот каде што се спомнува Вице. Кој, зошто и дали го направил тоа и фалсификувал јавна пријава треба да утврди ЈО, исто како што треба да се утврди одговорност за рекетарите, изјави денеска за медиумите, Миле Лефков пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Бидејќи Русковска вели дека не е запознаена, еве шанса да се запознае и да и ја освежиме меморијата. Впрочем ова е тест за обвинителството. Оттука бараме ЈО да почне да си ја работи работата и веднаш да ги повика Вице Заев, Стојан Чифлигароски, Горан Крстев, Лазе Велковски и Оливер Спасовски,да ја прибави целокупната документација и да постапи согласно закон. Одговорност мора да има. Според документите кои ги дојдоа до нас, сагата и притисокот со цел изнуда на пари врз Рубитон почнува при самото склучување на договорот со РЕК Битола. Според документите кои ги имаме Рубитон склучува договор за ископ на јаловина во РЕК Битола на 13.08.2018 година. На 24.08.2018 кога побарале влез во РЕК Битола на механизацијата Васко Василев добива повик од тогашниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, да се сретнат, што и се случило во хотел Епинал во Битола. На средбата Ковачевски побарал од Василев да отстапи 50% од работата на СВ Инвест на Стојан Чифлигаровски. На што Василев одговорил дека согласно потпишаниот договор ваквото барање е недозволиво. Наредниот ден Василев добива повик од Ковачевски со барање на СВ Инвест да му отстапи 75% од работата. Откако Василев повторно одбил наредниот ден ги повикал сопствениците на Рубитон – Василев и Радивчев на состанок во менувачницата Саат кула, сопственост на Стојан Чифлигаровски, газда на СВ Инвест со барање целосно да ја отстапат работата на СВ Инвест со надомест од 10.000 евра како трошок за тоа што учествувале на тендерот. По што сопствениците чувствувајќи огромен психолошки притисок рекле дека не им треба ништо, само сакаат правно да се раскине договорот без да одговараат, појасни тој.

Лефков тврди дека по оваа средба повторно се случила нова, сега веќе четврта, во хотелот Епинал помеѓу Василев, Радивчев и Ковачевски и Чифлигаровски на која сопствениците на Рубитон му кажале на Ковачевски дека не постои можност за пренос на работата, на која тој им кажал да му дадат 250.000 евра во готово или да му ги однесат лично на Вице во Струмица. По што им го дал и бројот на Вице, стои и е наведено во овие документи кои ќе ги предадеме во обвинителството.

– Василев, според сведочењето организирал средба со Вице преку стар познаник од Струмица по што тие дошле на договореното место во Хотел Вила Парк во Струмица, каде Вице не дошол со образложение дека средбата не била договорена за 9 вечерта, а не сабајле. По што сопствениците на Рубитон си заминел. А врз нив почнал огромен притисок и терор. Како што стои наведено во документите Василев добива порака од Вице – Многу лош впечаток сте оставиле, недостапен си бил, а седиш во кафич. Имам слики. По што следи и вибер повик на кој како што е наведено во овие документи му било кажано: – Ќе си ја тераш твојата работа, а ние нашата, па ќе видиме до каде ќе стигнеш. По овие пораки им следува цело сценарио според Василев кое завршува со раскинување на договорот и наплата на банкарската гаранција со што на Рубитон и е нанесена штета од 30.000.000 денари, вели тој.

Според Лефков, по раскинување на договорот РЕК Битола пристапило кон склучување на договор со второ рангираниот на јавниот повик, кој не прифатил, со третиот како што кажува Василев не било преговарано, и договор се склучува со 4-то рангираната фирма – СВ Инвест, со која е склучен договор во 4 очи со непосредно преговарање.