Најголемиот дел од претставките за дискриминација се однесуваат од областа на работните односи, забележа  членот на Комисијата за антидискриминација и декан на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Јован Ананиев. Смета дека високиот процент претставки во овој дел е заради тоа што има повеќе области, за кои работниците можат да пријават дискриминација.

-Она на што најмногу се жалат работниците е дискриминација по пол и род, односно се бележи дискриминација на жените, а особено на бремени жени, понатаму на жени кои се родители на мали деца, но исто така имаме феномен на дискриминација по асоцијација, односно ситуации, кога се дискриминирани родители, кои имаат дете со попреченост и не можат да ги остварат правата, кои на еден начин се заштитена категорија на граѓани, вели Ананиев.

Според извештајот на Комисијата за антидискриминација на Република Северна Македонија во 2018 година доставени се вкупно 66 претставки од граѓаните, во делот на работа и работни односи, од кои најголемиот дел или 23 претставки се однесуваат за дискриминација на работното место поради политичка припадност, а само по една е дискриминација на работно место поради етничка, верска припадност и возраст. Комисијата од вкупно 66 претставки има одлучено дека во 34 случаи нема дискриминација, но во 10 случаи е констатирана дискриминација од областа на работа и работните односи, по осум претставки не се постапува, кај две е отстранета повредата, за една е запрена постапката, а постапките за 11 претставки се во тек.

СТАТИСТИКА ЗА 2018 ГОДИНА ВО ОБЛАСТА НА РАБОТА И РАБОТНИ ОДНОСИ

До Комисија за заштита од дискриминација во текот на 2018 година во областа на работа и работни односи се поднесени вкупно 66 претставки во различни основи на дискриминација, и тоа:

– Политичка припадност – 23 претставки

– Образование – осум претставки

– Со две или повеќе основи на дискриминација – осум претставки

– Не е наведен основ на дискриминација – осум претставки

– Личен или општествен статус- шест претставки

– Пол – пет претставки

– Здравствена состојба – три претставки

– Некоја друга основа- две претставки

– Возраст – една претставка

– Етничка припадност – една претставка

– Религија или верско уверување – една претставка

Од 66 претставки поднесени во областа на работа и работни односи, Комисијата одлучи:

– Не се утврдува дискриминација – 34 претставки

– Утврдена дискриминација – 10 претставки

– Не се постапува по претставка – осум претставки

– Решена претставка друго: Отстранета повреда – две претставки

– Запрена постапка – една претставка

– Претставки во тек – 11 претставки

Администрацијата храбра, а работниците  се плашат да пријават дискриминација

Според статистичките податоци и анализи на Комисијата за антидискриминација најхрабри во доставувањето на претставките во делот на работа и работни односи и понатаму е администрацијата, без разлика дали е вработена во општинските институции или министерствата.

-Имаме поголема храброст кај граѓаните да пријават дискриминација од јавниот сектор, бидејќи заштитата на работничките права, сепак, е таму поголема. Во јавниот сектор кога сме таму имаме перманентно, во зависност од тоа како се менува власта пријавување на дискриминација по основ на политичка припадност, односно, отпуштање од работа или пак деградирање од некоја повисока, кон пониска позиција во државната администрација. Но, за жал многу е тешко да се докаже таа дискриминација, имаме неколку случаи, каде што имаме утврдено дискриминација по основ на политичка припадност, а имаме многу претставки по тој основ. Тоа се случува особено во период, кога доаѓа до промена на власта на локално или пак на национално ниво, рече Ананиев.

Според него голем проблем е што работниците во приватниот сектор се плашат да пријават дискриминација од областа на работа и работни односи.

-Имаме низок процент на активност на синдикатите, што ќе се јават како заштитници на правата на работниците и ќе пријават дискриминација, кога ќе кажеме пријава, тоа значи да поднесат претставка до Комисијата или пак тужба пред суд, бидејќи се има страв да не бидат отпуштени од работа, исто така постои и феноменот на виктимизација, односно како жртви на дискриминација да се јават оние кои ќе посведочат за дискриминација. Значи тоа е еден зтаворен систем во приватниот сектор, кој укажува на проблемот на недоволно пријавување на дискриминација, рече Ананиев.

Граѓанскиот сектор, а особено здружението „Гласен текстилец“ од Штип кои се на терен и постојано добиваат реакции од страна на работниците забележуваат дека причината за ваквата состојба во приватниот сектор е што работниците немаат доверба во синдикатите, а голем дел од нив ниту се мотивирани да бидат членови на синдикалните организации, преку кои ќе им се штитат работничките права.

Огласите за вработување мека за дискриминација

Работниците уште пред да се вработат се соочуваат со дискриминација. Огласите за вработување дискриминираат и по основ на род и етничка припадност. Често пати се бара во огласите со пријавата да се достави фотографија.

-Она што можевме да го констатираме дека во полно огласи се бараат фотографии, а тоа е индиректна дискриминација, која пак укажува на припадност кон конкретен етникум, на пример расно ќе се профилираат Ромите или пак преку самата фотографија подразбира вознемирување на жените, односно на девојките во државата, вели Ананиев.

Тој за МИА забележува дека според истражувањата на Комисијата за антидискриминација имаат утврдено дека одредени фирми директно ја дискриминирале ромската заедница, кои во огласите за вработување децидно имаат наведено дека во своите компании не вработуваат Роми.

-Ромите немаат еднаков пристап до работните места, но и доколку засноваат работен однос, исто така се соочени со дискриминација. Имавме неколку случаи, кога деловни субјекти дури и во самите огласи имаат истакнато дека не би примале Роми на конкретно работно место, вели Ананиев.

Во огласите за вработување можат да се види дека на одредени работни места се исклучуваат мажите, а се наведува дека се бараат исклучиво жени, за што забележува Ананиев ова претставува и вознимирување кон жените и девојките.

-Имаме дискриминација по основ на тоа што немаат пристап до одредено работно место жените, кои се бремени, во брак, бидејќи во огласот е наведено дека се бара девојка, рече Ананиев.

Мал број претставки имаат добиено од лицата со посебни потреби во делот на работа и работните односи. Но, истражувањата на терен покажуваат дека овие лица се дискриминирани во делот на пристап до работно место, немање на  еднаков третман во работниот процес. Државата во ваквите случи имаат обврски кон овие лица, коишто произлегуваат од Законите и Конвенциите, а во кои е предвидено да создадат приспособување на работните места, но во реалноста тоа не се реализира.

МИА