Продолжува неизвесноста околу формирање на најавената комисија за помирување.
Собранискиот спикер Талат Џафери денеска во изјава за медиумите рече дека очекува иницијаторите за формирање на вакво тело, осумтемина пратеници кои гласаа за уставните измени од редовите на опозицијата да иницираат средба и да ја објаснат конкретно оваа идеја.
– Идејата за формирање на телото е во контекст на подготвеноста на мнозинството во Собранието да се има општо помирување во односите помеѓу политичките партии застапени во Парламентот и пошироко и таа произлегува од самите пратеници. Иницијаторите досега не се обратиле до мене да се изјаснат во однос на основната идеја и замислата. Нивна беше волјата јас да го водам тоа тело, рече Џафери кој присуствуваше на промоцијата на студија за регулативата за употребата на јазиците во Македонија.
Џафери потврди дека на вчерашната координација во Собранието била водена општа дебата со претпоставки како би изгледало и што би се работело во оваа комисија и во тој контекст го спомена кодексот за однесување на пратениците.
– Очекувам иницијаторите на оваа комисија да иницираат соодветна средба и да ја објаснат идејата, рече Џафери.
Според Џафери, најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека тие не се подготвени да учествуваат во едно вакво тело, е „јасна определба дека тие не се заинтересирани за општо помирување меѓу пратениците, што би се рефлектирало меѓу граѓаните, како поддржувачи на политичките партии“.
За барањето за закон за амнестија од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери нагласува дека пратениците имаат право да достават до Собранието ваков закон, но вели дека тие треба да објаснат која би била идејата на законот и што би придонел тој за нив и за имиџот и позицијата на Собранието.
– Не можам да прејудицирам која би била идејата на таков закон и во кој опфат би бил, но во секој случај секој пратеник има легитимно право да предложи закон, рече претседателот на Собранието, додавајќи дека за ова прашање ќе се разговара кога ќе има конкретен предлог.
Џафери кажа дека до денеска напладне до него нема доставено информација од осумтемина пратеници дека излегуваат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека најавуваат формирање на нова пратеничка група. Тие имаат право на тоа, вели Џафери и додаде дека до него се уште нема пристигнато никакво известување.