По отворањето на новата акција за спас на Вардар преку купување на сезонски билети, „Комитите“ денеска со тројца првотимци одработија прес-конференција, на која главниот збор го имаше Милорад Миленковски.

Главниот претставник на најпозната навивачка група се обиде да објасни како стојат работите во овој момент, но претстави и оптимистички план според кој Вардар би инкасирал околу 500 илјади евра со продажбата на билетите, а со тоа би се овозможило нормално функционирање во Првата лига.

Вардар преку баражот со Скопје се врати онаму кадешто припаѓа, но јасно е дека борбата не завршува тука, бидејќи истата трае од 2018-та година и заминувањето на Сергеј Самсоненко.

– Ние сме инволвирани во битката за спас на Вардар веќе три години. Вардар е „клуб на народот“ и народот има право да знае што се случува во Вардар. Во првата акција која ја имавме пред две години, тогаш продадовме 33.381 билет и тоа беше најуспешната акција со која успеавме Вардар да го оставиме во живот. Сметката на клубот е блокирана од 2018-та година, а сега започнавме нова акција за спас и потребна ни е поддршка од народот.

– Зад Вардар застанаа 12 општини и Градот Скопје, а оваа акција која ја спроведуваме е своевидно продолжение на онаа од пред две години. Сега имаме десетпати поголем и поважен таргет, сакаме да покажеме дека Скопје го сака Вардар. Веруваме дека ќе бидат продадени многу сезонски билети и дека ќе инкасираме 500 илјади евра. Ние сме на потег, треба да покажеме колку се сака „клубот на народот“, – изјави Миленковски.