Хрватскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ изјави дека никој не може да ги доведува во прашање границите на БиХ, независоно од „случувањата на границата меѓу Албанија и Косово“.

Изјавата на Комшиќ претставува реакција на ставот на српската премиерка Ана Брнабиќ, која коментирајќи ја најавата за „укинување на границата“ меѓу Албанија и Косово, направи паралела со граничната линија меѓу Србија и босaнскиот ентитет Република Српска.

– Очигледно границите се на маса и сега некои можат (да ги укинат границите), а Република Српска не може, изјави Брнабиќ.

Осврнувајќи се на изјавата, Комшиќ нагласи дека Белград наместо да се сврти кон соработка, евроатлантските интеграции и стабилизација на регионот, упорно се обидува да повлекува „небулозни паралели меѓу делови на БиХ и Косово“.

– Поединци во извршната власт на Србија не треба да мислат дека со дестабилизација на БиХ и извозот на сопствените проблеми, ќе можат да ја зајакнат својата преговарачка позиција. Ваквите изјави ја туркаат Србија во непотребни вербални конфликти со БиХ, нагласи Комшиќ.

Според него, српските власти треба да се запрашаат дали вакви изјави одат во полза на Белград или можеби им нанесуваат штети како на Србија, така и на вкупните регионални односи.

– Суверенитетот, интегритетот и особено границите на Босна и Хрецеговина не можат да се доведат во прашање. Какво и да било релативизизрање на кој било прерогатив на Босна и Херцеговина, во најмала рака, е непристојно, додаде Комшиќ.