Концертот насловен „Македонија во нас“, во склоп на Скопско лето ќе се одржи на 29.06.2026г. – понеделник, со почеток во 20:30 часот на отворената сцена на „Кеј 13 Ноември“, споменик на Гемиџиите.

На концертот ќе учествуваат Народните ансамбли „Светлост“ од Мелбурн и „Македонски бисери“ од Волонгонг. Овој настан е во соработка со Националната агенција за иселеништво на Македонија, а влезот е слободен.

Народните ансамбли „Светлост“ од Мелбурн и „Македонски бисери“ од Волонгонг, Австралија, ќе настапат со заеднички целовечерен концерт посветен на македонската традиција, фолклор и културно наследство. Двете друштва, кои со децении ја негуваат и афирмираат македонската песна, игра и култура на австралискиот континент, ќе изведат програма инспирирана од богатата фолклорна традиција на Македонија, меѓу кои „Пиринско пролетно цвеќе“, „Ѓурѓовден“, „Малешевска“ и „Седенка“. Концертот претставува средба на традицијата, иселеништвото и живото културно наследство, зачувано и пренесено низ генерации далеку од татковината.

МКУД „Светлост“ е првото македонско друштво формирано во Австралија во 1960 година од македонските доселеници во Австралија, Ристо и Ана Василеви.

На својот прв концерт во 1961 година, „Светлост“ привлече над 1,000 посетители. Од тогаш, редовно учествува на повеќе манифестации, како што е и мултикултурниот Мумба фестивал во Мелбурн. Исто така, има направено две турнеи низ Македонија во 1977 и 1991 година, со што се зацврстуваат културните односи со татковината.

Денес „Светлост“ брои околу 100 играорци од најразлични возрасти и успешно учествува на традиционалниот Илинденски фестивал во Мелбурн каде што учествуваат и многубројни македонски културно уметнички друштва од истиот град.

Денес МКУД Светлост е место каде се продолжува традицијата на македонското оро и песна и се негуваат македонските вредности и култура.

МКУД „Македонски Бисери“ е основано во 2014 година со јасна цел за зачувување на македонската култура и наследство преку македонскиот фолклор, музика и јазично образование.

Со седиште во Волонгонг, Австралија, МКУД „Македонски Бисери“ им служи на заедница од 100 ученици, сите од кои се Македонци по потеклото од втора, трета или дури и четврта генерација.

Групата активно соработува со локални, државани и други организации на Македонската заедница со заедничка цел за промовирање и зачувување на македонското културно наследство во Австралија.

Имале задоволство да ce претстават co настапи низ Австралија и Македонија во 2016 година, а сега по 10 години повторно ја имаат честа да ја посетат земјата на нашите предци.