Дебрани синоќа имаа ретко убава можност во својот град да го проследат настапот на две познати сопранистки.

Пред нив со повеќе арии, како и преработени албански песни, настапија светски познатата оперска дива, сопранот Инва Мула и нејзината колешка сопранистката Дешира Ахмети-Крлиу, како и виртуозот на виолина Олен Цезари. Придружувани беа од оркестарот на Академијата за уметности од Тирана, под диригентска палка на Исак Шеху.

Концертот се одржа во центарот на градот,на плоштадот „Скендербег“, а многубројната публика ги награди со бурен аплауз.

Посебно емотивен беше настапот на Дешира Ахмети-Крлиу, која е родена и израсната во Дебар, а сега живее во САД.

Двете оперски диви претходно имаа срдечна средба со градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

– Соработка со луѓе кои го сакаат Дебар, донесува очекувани позитивни резултати. Заедно за еден Дебар каков што посакуваат сите, напиша Дука на Фејсбук, објавувајќи и фотографија од средбата.

Инаку, Мула и Ахмети-Крлиу заедно со тенорот Ѓорѓи Цуцковски настапија на годинешното „Охридско лето“.

Овој, како и претходно одржаниот „музички маратон“ се реализирани со подршка на татковинското друштво „Дибра“ на дебрани во САД.