СДСМ на 12 декември ќе избира нов лидер што треба да го наследи Зоран Заев кој поднесе оставка. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска по седницата на Централниот одбор, изјави дека постапката за избор на нов претседател почнува утре и ќе трае седум дена.

Централниот одбор, како што рече, констатираше дека со поднесената оставка на Заев во партијата потребно е да започне процес за внатрепартиски избори. Кандидирањето започнува утре и ќе трае една недела, а право да се пријават имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите предвидени со статутот на партијата. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат на онлајн алатката.

По изборот на нов лидер, ќе се избираат и органите на партијата.

Заев на седницата на ЦО, како што рече Кузеска, информирал дека парламентарното мнозинство е стабилно, изнесува 61 пратеник и очекува да се создадат можности дополнително да се зголеми со цел да се задржи европскиот курс на државата.

– ЦО смета дека има простор за разговори за приклучување на Алтернатива врз основа на принципи и вредности, и пренесена е надлежност на Заев за тоа, рече Кузеска.

Прашана што ќе биде улогата на Заев во СДСМ по заминувањето од лидерското место, Кузеска кажа дека „тој ќе биде активен член кој секогаш ќе работи во интерес на партијата“.

За тоа дали Заев го промовирал за нов претседател на партијата Димитар Ковачевски, Кузеска кажа дека станува збор за коментар за квалитети на еден човек, но сепак претседателот на СДСМ ќе се бира на внатрепартиски и непосредни избори во постапка која ќе започне од утре. Додаде дека не се дискутирало дали новиот претседателќе биде и нов мандатар.

На Заев, како што рече, му е даден легитимитет од ЦО да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.

– Во насока обезбедување на парламентарно мнозинство, верувам дека претседателот Заев ги презема сите чекори кои се потребни вклучително и правно информирање на претседател на Собранието. Заев ќе остане како активен член на партијата кој секогаш ќе биде во партијата и секако ветер во грб на партијата и член кој ќе работи на единството на партијата што се покажа вечерва дека го има, рече Кузеска.

Централниот одбор на седницата оценил дека државата и надлежните институции со полн капацитет се справуваат со предизвиците од енергетската криза и ги носат сите одлуки во оваа функција.

Државниот буџет е ликвиден и има средства да се помогне енергетскиот сектор. Во однос на пандемијата фокусот на надлежните е да преземат чекор за дополнително мотивирање и охрабрување што повеќе граѓани да се вакцинираат. Буџетот за 2022 е развоен и обезбедува повеќе пари за инвестиции во клучните сектори, рече Кузеска.