Водечката европска конзервативна партија денеска ќе го избере својот главен кандидат за изборите за Европскиот парламент во 2019 година, со што победникот ќе претендира за една од клучните позиции на Европската унија.
Гласањето ќе се одржи денеска, на вториот ден од годишниот конгрес на Европската народна партија (ЕПП) во Хелсинки.
Кандидатот ќе се избира со тајно гласање на 758 делегати на конгресот во Хелсинки. Победникот во ноември 2019 година би можел да го замени Жан Клод Јункер на функцијата претседател на Европската комисија.
Таа функција ќе биде дел од големи преговори што ќе следат по европските избори, кои ќе се одржат меѓу 23 и 26 мај 2019 година.
Покрај претседателот на Европската комисија, идната година ќе треба да се избере и нов претседател на Европскиот совет, Европскиот парламент, висок претставник за надворешна и безбедносна политика и претседател на Европската централна банка.
Во трката за водечки кандидат на ЕПП се Германецот Манфред Вебер и Финецот Александер Стуб.
Ако нема големо изненадување, Манфред Вебер (46), претседателот на групата во Европскиот парламент и член на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, треба да го победи Александар Стуб (50), член на финската конзервативна и либерална партија на Кокомус.
Меѓу темите на синоќешната дебатата меѓу Вебер и Стуб беше и местото кое во ЕПП го имаат Виктор Орбан и неговата партија Фидес, обвинети за прекршување на европските вредности, особено во врска со приемот на мигранти.
Но, негово исклучување од партијата не е на дневен ред на конгресот.
– Како што често велев, секое семејство има свое лошо дете. Но повеќе сакам своето лошо дете да го задржам во семејството и да го вразумам, изјави претседателот на ЕПП, Французинот Џозеф Даул, пред почетокот на конгресот.