Ова за нас е голема победа, изјави Никола Ѓурѓај откако Федералната унија на европските националности (ФУЕН) на 64. Конгрес во словачкиот главен град Братислава, едногласно усвои Резолуција со која се бара културна и образовна автономија за македонското малцинство во Албанија.

Тоа беше предложено од Македонското друштво Илинден од Тирана.

Претседателот на МД Илинден Ѓурѓај рече дека за Резолуцијата гласале сите 150 делегати, претставници на 103 организации од 35 земји во Европа.

– Ова за нас е голема победа затоа што со Резолуцијата, која ФУЕН ќе ја достави до албанските власти се бара културна и образовна автономија за жителите на регионите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора со цел да се зачува македонската култура во овие региони населени со македонско население, изјави, Ѓурѓај кој учествува на Конгресот.

Од име на друштвото и припадниците на македонското малцинство, ФУЕН апелира до Владата во Тирана да отвори катедри за македонски јазик на државниот универзитет во Тирана и на државниот универзитет Фан Ноли во Корча.

Исто така ја повикува Владата во Тирана да обезбеди пропорционална застапеност на Македонците во државните институции, органите на локалната самоуправа и локалната администрација каде што живее значителен број Македонци, како и претставик на македонското национално малцинство во Управниот одбор на албанската државна радиотелевизија.

МД Илинден е рамноправен член на ФУЕН од 2015 година и активно учествува во сите активности на Унијата.

Тоа што е најзначајно е што за Македонците во Албанија се слушна и се слуша низ цела Европа, вели Ѓурѓај.