Конгресот на САД одобри паричен пакет воена и одбранбена помош во износ од 228 милиони долари за балтичките земји Литванија, Летонија и Естонија.

Естонскиот министер за одбрана, Хано Певкур, по повод најавениот пакет изјави дека „поддршката од САД значително им помогна на Естонија, Летонија и Литванија да забрзаат неколку проекти за развој на воената инфраструктура и одбранбените капацитети“.

-Овој пакет воена помош испраќа јасна порака дека САД, како најголем сојузник во НАТО, се посветени на безбедноста и стабилноста на нашиот регион, додаде тој.

Основана во 2020 година, Балтичката безбедносна иницијатива (БСИ) е иницијатива преку која Министерството за одбрана на САД го поддржува развојот на воените способности на трите балтички земји.

Фокусот на американското финансирање е на развојот на воздушната одбрана, подготвеноста за поморска безбедност и копнените сили во земјите од балтичкиот регион, а дополнителни 225 милиони долари помош од БСИ се доделени на трите земји во 2023 година.

Во декември минатата година, САД и Литванија, Летонија и Естонија договорија петгодишен план за соработка во областа на одбраната и националната безбедност.

фото:МИА архива