Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска ќе го одржи 23-от партиски конгрес на кој партијата треба да го потврди Стево Пендаровски за кандидат за претседател на државата на претстојните избори.

На отворањето на Конгресоте предвидено е обраќање на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, додека работниот дел ќе биде затворен за јавноста. На крајот на конгресот, кој повторно ќе биде отворен, ќе се обрати избраниот кандидат за претседател на државата.

Стево Пендаровски доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на 31-на политичка партија од коалицијата предводена од СДСМ, владината коалиција и сите поддржувачи на концептот за заеднички кандидат за претседател на државата.

Поддршката беше изразена на средба во петокот вечерта во Скопје по која премиерот Зоран Заев оцени дека ова е историска одлука и дека 31-на политичка партија заедно се обединија и покажаа дека националните се над партиските интереси.

– Почитувани граѓани се обединивме повторно сите Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и сите други. Првпат во македонската историја различните застануваат зад еден кандидат. Застануваме сите позади Стево Пендаровски. Надпартиски, европски, граѓански, пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија, изјави премиерот.

За заедничкиот претседателски кандидат Стево Пендаровски исклучителна е честа да бидеш поддржан од претставници на сите етнички заедници, од 31-на политичка партија, но, и од многу граѓани кои воопшто не се членови на политички партии. 

Ова го напиша Пендаровски на својот фејсбук профил откако ја доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на коалицијата предводена од СДСМ и владината коалиција.

Одлуката за заедничкиот кандидат треба да биде верификувана во органите на секоја од партиите.

Вчера на Централно собрание НДП даде подршката за консензуалниот кандидат за претседателските избори на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и ДОМ од каде сметаат дека Пендаровски го има потребното професионално и политичко искуство за компетентно извршување на оваа висока државна функција и од СДУ кои изразија безрезервна поддршка за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Покрај Пендаровски, кандидати се и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и амасадорот и универзитетски професор Блерим Река кој доби поддршка од Алијансата на Албанците и БЕСА.

Потписи за кандидатура собираат уште неколку претенденти за функцијата претседател на државата.