Да се реши билатералниот спор меѓу Софија и Скопје за да може Македонија да ги почне преговорите со Европската унија до крајот на годината. Такво барање упатија конгресмени од Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД до бугарскиот амбасадор во Вашингтон.
-Се надеваме дека ќе ги ставите разликите настрана и ќе поддржите целосна политичка интеграција на С. Македонија и Албанија во Европската Унија, се вели во писмото на двопартиската конгресна група до амбасадорот Тихомир Стојчев.
Покрај тоа што Македонија и Албанија ги исполнија условите да ги почнат пристапните преговори со Европската Унија, се наведува во писмото, останува спорот меѓу вашата држава и Македонија, што ги спречува Албанија и Македонија да ги почнат тие разговори.
Според нив, натамошното одложување на прогресот на Скопје и Тирана кон ЕУ ќе фрли сомнеж врз заложбите на западните лидери и ќе отвори врата за антизападни политички влијанија во регионот, конкретно од Кина и од Русија.
-Веруваме дека евентуалното членство на С. Македонија и Албанија во ЕУ е од клучно значење за долгогодишен мир и стабилност на регионот на Западен Балкан и за целата трансатлантска заедница, се посочува во писмото од американските конгресмени.