Директорката за Европа во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, Хедер Конли порача дека Сенатот се подготвува набргу да го ратификува Протоколот за членство, иако, како што рече имало уште еден драматичен обид од страна на Русија тоа да се спречи.
Изјавата Конли ја даде за време на сослушување пред Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом завчера на кое се дискутираше за злонамерното влијание на Русија и вмешаноста на Кремљ во западните демократски процеси.
Укажа дека иако земјата сега е дел од НАТО, останува уште многу работа во однос на другите земји што изразија подготвеност да се интегрираат со Западот.
До крајот на летото, а најдоца до октомври се очекува и САД да го ратификуваат Протоколот за членство на Македонија во НАТО, откако процедурата околу одобрувањето на овој документ заврши во Стејт департментот и извештајот и предлогот за ратификација веќе е испратен до Сенатот.
Протоколот за членство на Македонија, која поканата ја доби на Самитот во Брисел во јули минатата година, досега го ратификувале девет земји-членки, повеќето од регионот, а Данска беше првата западноевропска земја која го стори тоа.
Се очекува овој процес на формализирање на членството на земјата во Алијансата да заврши за околу девет месеци и на почетокот на следната година да станеме и официјално 30. земја-членка на Алијансата. Процесот оди исклучително брзо, се очекува да заврши за околу девет месеци, додека ратификациите за другите земји-членки траеја од една до една и пол година.
Премиерот Зоран Заев очекува ратификувањето на Протоколот да заврши до крајот на летото, а најдоцна до октомври.
Тој вчера во Охрид истакна дека процедурите за Протоколот мошне брзо завршиле во Стејт департментот и документот веќе е доставен до Сенатот.
-Тоа е постапка која трае, поприлично е сложена, значи не очекувам дека ќе се случи за една недела, но очекувам дека ќе заврши до крајот на летото, септември, октомври, рече Заев и додаде дека тоа е е експресно брзо во споредба со протоколите кои Вашингтон ги ратификувал за претходните членки.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вчера од Тирана од конференцијата „Десет години Албанија во НАТО – посигурен регион” нагласи дека соседните земји со мошне брзи и ефикасни процедури го ратификувале Протоколот, а тоа, како што рече покажува дека регионот научил од своите грешки.
– Повеќе не се гледаме себеси како непријатели, туку како најблиски сојузници. Вчера ја добивме и добрата вест од Вашингтон, дека Белата Куќа го доставила предлогот и извештајот за ратификација на пристапниот протокол во Сенатот на САД, истакна министерката за одбрана.