Тренерот на Интер, Антонио Конте не беше среќен по ремито со Аталанта вчера. Сепак, овој резултат ги остави „нероазурите“ на прво место во Серија „А“.

Италијанскиот стратег исто така одговори на прашањето за трансферот на Артуро Видал во гигантот од Милано.

„Не сакам да разговарам за играчи кои не се во соблекувалната на Интер“, беше неговиот одговор за Чилеанецот по што одговараше на прашања за натпреварот со тимот од Бергамо.

– На овој натпревар игравме без четири од нашите најважни елементи. Аталанта поседува интензитет и голема физичка сила. Дадовме се од себе за да победиме на овој натпревар. Имам одлични момци. Единствената работа за која се надевам е да немаме повредени играчи. Инаку, ситуацијата станува проблематична за нас, рече Конте.