Ако нешто треба да му признаеме на премиерот Зоран Заев тоа е дека има добра координација во својот кабинет, така барем за една работа нема потреба да се секираме и можеме да спиеме мирно знаејќи дека неговите обични и посебни советници се координирани од именувањата на национални координатори.
Голем верник каков што е, после црпнувањето од страна на Господ од нивата во Муртино сега гледаме дека не сака да се замери ни со своите бивши министерски кадри (Алаѓозовски и Чакаровски) кои тој самиот ги смени заради некадарност. Веројатно проценил дека како министри или заменици не се снашле добро ама затоа координацијата им е јака страна, па така ќе координираат одредени ресори затоа што министрите и посебните советници глава не можат да дигнат од работа па им недостасува координација.
Со оглед на тоа што армијата советници на Заев брои 13 посебни советници, 10 советници, 33 надворешни соработници сосема логично е нели да има и десетина национални координатори. Единствено нешто што недостасува е еден координатор на националните координатори, чисто да ги координира додоека координираат па да не се збунат.
И додека неговиот кабинет рапидно се зголемува од ден на ден, неговиот пропаганден тим фино ја спакува обландата за измама на јавноста во која замислете пријави 91 советник на премиерот Груевски, а при тоа изоставија еден многу ВАЖЕН факт дека, именувани совентици беа само десетина, а сите останати биле вработени административци согласно Законот за државни службеници, па така на листата на советници се најдоа дури и владиниот фотограф и снимател.
И се би било во ред доколку овие измислени титули на посебни советници и национални координатори беа за луѓе кои што со својот кредибилитет и професионален успех навистина би придонеле во работењето на Владата, но не, овие измислени функции се само за политички пазар и згрижување на сите оние за кои нема официјална функција, но на овој или оној начин му се потребни на Заев за да го задржи кревкото парламентарно мнозинство и симпатиите од одредени таргет групи. Токму таа политичка љубов ја плаќаат граѓаните кои наместо да почуствуваат реален бенефит од нивното советување, чувствуваат само поиспразнат џеб.
М-р Мартина Антиќ