Ниту по 12 недели од одржувањето на парламентарните избори, што е рекорд во историјата на Републиката, Италија нема влада.
Весникот „Кориере дела сера“ објави дека партиите веќе размислуваат за предвеемни избори што може да се одржат на 9 септември. Весникот наведува дека во резиденцијата на претседателот на Италија Серџо Матарела кој одби да го прифати предлогот евроскептичниот Паоло Савона да биде министер за економија, во тек се драматични часови откако популистичкиот мандатар Џузепе Конте синоќа му го врати мандатот.
„Кориере дела сера“ нагласува дека предвремени избори ако се одржат, нема да бидат обичен тест на избирачите туку референдум за Европа, за еврото како и за уставниот поредок на државата.
Луиџи ди Мајо, лидер на Движењето пет ѕвезди, кој во март на изборите имаше најмногу гласови, изјави синоќа дека би требало да биде отповикан претседателот Матарела поради „предавство на државата“ бидејќи одбил да го прифати Савон за министер за економија.
– Бевме на неколку чекори од формирање влада и запрени сме бидејќи во нашиот кабинет е министер кој ја критикува ЕУ, изјави тој за РАИ.
Неговиот засега несуден коалициски партнер и лидер на Лигата, Матео Салвини изјави дека во Италија треба да се одржат нови избори.
– Италијанците се на прво место, да бидат безбедни и среќни. Со недели работевме да се формира влада што ќе ги штити интересите на италијанските граѓани. Меѓутоа некој вели не. Никогаш нема да бидеме робови, изјавил Салвини.
Матарела кој откако Конте му го врати мандатот, во Квиринале денеска го повика 62-годишниот економист Карло Котарели, кој би можел да биде нов мандатар, но ја нема поддршка од партиите во Италија.