Светиниколската фабрика „Мода“ го затвара погонот по добивањето на резултатите од скринингот на 210 работници, информира градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски.

-Врз основа на новодобиените информации за бројот на заболени од КОВИД-19 и препораките од Министерството за здравство и Кризниот штаб на Општина Свети Николе, менаџментот на фабриката Мода АД и Камотекс ДООЕЛ одлучи, од денес 10 јули, петок да се затворат погоните на фабриките со цел намалување на ризиците од ширење на коронавирусот во истите во наредните денови, вели Велковски.

Велковски е информиран дека сите 830 вработени ќе бидат подложени на скрининг тест со цел утврдување на точната бројка на број на заболени лица и секако спречување на ширење на заразата.

Вкупната бројка до денеска на заболени од Ковид-19 во Свети Николе е 79 лица,

-И понатаму апелирам до сите граѓани, да се придржуваат на мерките и препораките на Министерството за здравство и Владата за соодветна заштита од коронавирусот, вели Велковски.

Од досега добиените резултати, од 208 тестирани вработени во модна конфекција во Свети Николе 19 лица биле позитивни на ковид-19, а имало и шест други случаи на граѓани од Општината, соопшти Центарот за јавно здравје Велес, подрачна единица Свети Николе.

До вчера, од оваа конфекција имаше 15 позитивни, а со новите 19 сега се 34, додека вкупно позитивни во Општината Свети Николе се 79. Фабриката од денеска времено престанеа со работа, а останатите 630 вработени ќе бидат тестирани.

– Државниот здравствен и санитарен инспекторат е во постојан контакт со Центарот за јавно здравје Велес, иако како кластер конфекцијата е времено затворена, је следиме состојбата со оглед на тоа што таму има организиран превоз на текстилни работнички, изјави директорката на Инспекторатот д-р Ирина Сотирова-Бухова.