Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од општинскиот буџет лани потрошил 27.500 евра за репрезентации, односно за јадење и пиење по ресторани.

Како што објави ТВ Алсат, во изминатите три години, односно за 2018, 2019 и 2020 таа сума изнесува скоро 78.000 евра. Парите се трошени од програмата „Градоначалник – за расходи и репрезентација“.

– Лани во услови кога имавме вонредна состојба, кога угостителските објекти работеа со рестрикции, се потрошени 27.000 евра. На тој начин се злоупотребени парите на граѓаните… На последната седница градоначалникот не го негираше фактот дека тие пари се потрошени за репрезентација, вели Ален Деребан, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Реакција има и од Алијанса на Албаците:

-Каде и кога јадевте ручеци и вечери кога знаеме дека од 11 март бевме во изолација? Долго време рестораните беа затворени, кога повеќе од 4 лица сè уште не можат да се соберат и да јадат во ресторан? Каде потрошивте 27.500 евра за репрезентација?, прашува Рајмонда Мамуди, општински советник од партијата Алијанса на Албанците.

Статистичарите направија интересна математика за струшкиот градоначалник:

Ако се анализираат само работните денови од понеделник до петок Мерко, кој е кадар на ДУИ, трошел по над 6.600 денари дневно. Ако се претворат овие пари во кафиња кои во Струга чинат околу 50 денари тоа значи дека Мерко пиел по 136 кафиња на ден. На кафе ако одел со уште тројца, Мерко пиел фантастични 34 кафиња на ден. Ако се претворат парите во пилешки стекови кои чинат по околу 200 денари цела порција Мерко јадел по 33 на ден односно по 16 ако бил со најмалку уште еден човек на службен ручек.

Ако на ручек одел со тројца луѓе тогаш градоначалникот јадел по 8 стекови на ден. Сите овие математики се случувале во ситуација кога голем дел од времето лани кафеаните беа затворени поради коронакризата.

Мерко пред неколку години не се срамеше да признае дека набавил службено возило вредно над 70 илјади евра додека општина Струга мака мачеше да ги сервисира своите обврски.