Сите музичко-сценски содржини предвидени во програмата на годинешното јубилејно 60 издание на „Охридско лето“ ќе се одржуваат според однапред утврдените протоколи за безбедност, во насока на заштита на здравјето како на публиката. така и на уметниците.
Како што беше појаснето на денешната прес-конференција на која беше презентирана фестивалската програма, врвен приоритет на Институцијата е грижата за јавното здравје.
– Одговорноста да се подготвува програма во време на пандемија е голема, но и задоволството кога знаете дека сте успеале во време кога се откажуваат големи светски фестивали. Инсистирав и не сакав да постапам различно од Комисијата за здравство. Подготовките околу протоколите зедоа време, затоа ова година беше невеозможно фестивалот да почне на 12 јули. Речиси сите фестивали во светот се откажани, откажани се и Олимписките игри. Не сакавме да настапи ниту еден уметник без дозвола или без соодветен протокол, истакна директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ.
Селекторката на музичката програма Даница Стојанова ја искористи можноста да им се извини на сите верни љубители на фестивалот, како и на бројната публика доколку нема да бидат во можност да присуствуваат во поголем број на концерните вечери.
– Поради големите органичувања на бројот седишта и поради протоколот од Комисијата за заразни болести околу заштитните мерки, Дирекцијата на „Охридско лето“ во ниту еден момент нема да може ниту ќе дозволи публика повеќе од дозволеното, рече таа.
Поради епидемијата на коронавирусот годинешното „Охридско лето“, после бројни измени во програмскиот дел и со постојано следење на ситуацијата наметната од Ковид-19, наместо во редовниот термин од 12 јули до 20 август ќе се одржува од 4 до 30 август.