Нема нови случаи на заболени од коронавирус во земјава. Резултатите на седумте лица кои вчера беа тестиранин се негативни.
Тринаесетте пациенти кои се сместени на Клиниката за инфективни болести се во стабилна состојба. Пациентката од Дебар која е на респираторна машина има значајно подобрување на параметрите по приклучувањето на механичката вентилација, но со сѐ уште непредвидлива прогноза. Сите други пациенти се со лесна клиничка слика, вклучувајќи го и 15 годишниот пациент. Првозаболената пациентка денеска ќе биде отпуштена од болница на домашно лекување.
Во меѓувреме се спроведуваат мерките и препораките за справување со коронавирусот. Целиот здравствен персонал во сите јавно-здравствени установи и приватни болници е мобилизиран и ставен на располагање, доколку е потребно да работат во здравствена установа каде што ќе биде потребно. Приватните болници ги ставија на располагање своите капацитети, вклучително и близу 70 легла за интензивна нега, со респираторни машини за оваа патологија.
Министерот за здравство Венко Филипче информира дека во државава има 120 респиратори, најголемиот број – близу 90 се во Скопје. Се одложуваат сите хронични пациенти кај кои интервенцијата може да се пролонгира. Се третираат само итните и малигните случаи кај кои исто така нема простор за одложување. Детската болница во Козле од денеска ќе прима деца кои ќе бидат евентуално заболени од коронавирус. Сегашните хоспитализирани пациенти во текот на денов ќе бидат префрлени на лекување на Клиниката за детски болести, со цел децата да бидат изолирани од возрасните.
Кризната состојба и воведените мерки во општините Дебар и Центар Жупа од каде што се најголемиот број заболени лица, засега се спроведуваат без проблеми. Безбедносната состојба е стабилна, нема регистрирано собирања на јавни места или нарушувања на јавниот ред и мир. Влезот е дозволен само за локалните жители, а строго е забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблем се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и другите потреби за граѓаните.
Се препорачува граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките на надлежните, да останат дома, движењето да го сведат на минимум, освен за неопходните потреби.
Мобилните оператори преку СМС пораки ќе ги известуваат граѓаните за состојбата и актуелностите со коронавирусот.
Од денеска нема да работат продавниците во затворените молови, освен маркетите, аптеките и продавниците за храна. Отворените трговски центри ќе работат вообичаено.
Нема да работат кафетериите, баровите, клубовите, казината и обложувалниците. Рестораните и сите други продавници кои произведуваат храна, вклучително и рестораните во хотелите, пак, остануваат отворени, но без гости. Може да прават достава, да примаат нарачки по телефон или да вршат директна достава преку некаква форма на штанд или шалтер.
Надлежните апелираат до сите, особено до младите, да останат дома, да ги почитуваат мерките, и да ги следат информациите на институциите, а не лажните вести кои шират страв и паника околу коронавирусот.
Состојбата со заболени лица од коронавирусот во земјава може да се следи на апликацијата https://gdi-sk.maps.arcgis.com на која се приложени информации за број на пациенти по локација, возраст, дата на дијагностицирање со вирусот како и начин на заразување.