Европската комисија на украинското членство во ЕУ гледа како на безбедносна гаранција, не само за Украина, туку и за Европа, па затоа сум сигурна дека нема отстапувања од европската интеграција на земјата, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос пред почетокот на денешниот Совет за надворешни работи на Унијата.

– Украина ќе стане членка на Европската Унија, тоа можам да ви го гарантирам, истакна Кос.

Таа додаде дека ја разбира фрустрацијата на Украинците и на украинскиот претседател Володимир Зеленски што пристапувањето не може да се движи побрзо, но како што нагласи, тоа е процесот што зависи е волјата на 27-те земји членки и тоа треба да се земе предвид.

– Сепак, напредувавме многу. За помалку од една година успеавме да ги направиме скрининг за сите кластери, а три кластери се веќе неформално отворени и треба само да се спроведуваат реформите, рече Кос.

Според неа, само Украина, заедно со Европската Унија, може да одлучи дали ќе стане членка на ЕУ или не.

– Тие одлучија дека сакаат и ние им го доделивме сегашниот статус. Сега тоа е заеднички проект на Европската Унија и на Украина за интеграција во ЕУ. Ќе работиме до крајот за да постигнеме консензус каков што ни е потребен за овој процес. Единствениот начин е да продолжиме да работиме со Унгарија и тоа е она што го правиме, додаде Кос.

Таа нагласи дека на денешниот Совет ќе се разговара за тоа што може да направи ЕУ дополнително за справување со енергетската криза во Украина, како може да придонесе за обезбедување мир во земјата и особено што може да направи откако ќе се воспостави мирот.

– Зборувам за обновата. Ќе разговараме за Документот за просперитет. Овој Документ за просперитет се базира врз два важни столба. Прво, ја признава важноста на процесот на пристапување со сите реформи и второ, нагласува дека без инвестиции нема обнова, што значи дека со процесот на реформи ќе можеме да изградиме правна сигурност дека инвестициите ќе дојдат во Украина, потенцира Кос.

Според неа, дека овој принцип функционира се покажало во секој процес на проширување во минатото, па така некои од земјите што влегоа во ЕУ во 2010 година ја зголемија својата економија за трипати и тоа е она што Унијата сака да го направи со Украина.

– Ова ќе ја промени политичката реалност во Европа. Мора да видиме како можеме да го надминеме јазот помеѓу времето потребно за спроведување на реформите и како можеме брзо да реагираме во овој историски момент. Нема да правиме компромиси за основните реформи, но мора да седнеме заедно и да разговараме на оваа тема, рече Кос, додавајќи дека доколку се отстапи од основните вредности, тогаш земјата нема да се развива ниту демократски, ниту економски.

Според неа, вестите што речиси секое утро стигнуваат од Украина се ужасни и она што го прави Русија со бомбардирање на луѓето додека се во своите домови и се смрзнуваат, е далеку од војна и претставува државен терор.

– Во изминативе години, Европската Унија обезбеди три милијарди долари за стабилизирање на енергетскиот систем на Украина, но поради тековните руски напади, ова е далеку од доволно. Во последните денови обезбедивме 500 генератори и уште 500 сега се подготвуваат за испорака. Затоа денеска ќе дискутираме со земјите членки што можеме повеќе да направиме за оваа енергетска криза во Украина, додаде Кос.