Геополитичката состојба ја нагласува потребата од сè поблиски врски меѓу Европската Унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан – изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во пресрет на вечерашната средба ЕУ – Западен Балкан на која учествуваат претставници на сите земји од регионот, со исклучок на Србија.

– Повторно ја потврдивме европската иднина на земјите од Западен Балкан – истакна Кошта, додавајќи дека неговата порака до сите партнери била да напредуваат со неопходните реформи за пристапување кон ЕУ.

– Очекувам напредок во решавањето на билатералните спорови. Предизвиците поврзани со минатото мора да бидат надминати – изјави Кошта.

Според него, земјите од Западен Балкан ќе постигнат вистински напредок само ако гледаат кон иднината, а не кон минатото, бидејќи, како што истакна, ЕУ е изградена врз темелите на помирувањето.

– Убедена сум дека проширувањето е стратешка неопходност за ЕУ, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека светот околу нас се менува, а колку Европа е пообединета, толку подобро ќе се справи со предизвиците.

Според претседателката на Европската комисија, следната година ЕУ заедно со секоја од шесте земји од Западен Балкан ќе ги утврди следните чекори за нивно постепено интегрирање во единствениот европски пазар.