Братислав ДИМИТРОВ

„Цел живот го мразам Џон Вејн затоа што е одвратен десничар, но секогаш пуштам солза кога на крајот на „Трагачи“ ќе ја земе во прегратка Натали Вуд и ќе ѝ каже: Let’s go home, baby. Така изјави еден Француз на кого легендата во која влезе веднаш му стана тесна пошто се вика Жан-Лик Годар. Јас цел живот мразам да бидам носталгичар затоа што помалку се плаќа од електричар. Ама кога ќе видам некоја стара црно-бела фотографија од моето детство, пуштам многу повеќе солзи. За да си останам дете, а и да не ме помешаат со оној француски режисер. Знам. Секоја, дури и најлошата сегашност, еден ден станува славно минато. Патот кон иднината води низ сегашноста, но ние се враќаме во минатото, кое е иднина само со поминат рок.

Тоа беа времиња на бескрајно добри и трпеливи баби и дедовци, класични институции од посебен детски интерес. Не гушкаа и ни ги полнеа џебовите со бонбони и карамели, башка лижавчиња. После не сакавме да јадеме ориз со копанчиња, а кога за ручек имаше леќа, бегавме од дома. Родителите нè караа сите, ама си имаше ред. Тие нè караа, а ние не слушавме. Истрчувавме на улица, се потпиравме на околните тараби и гурмански ги празневме џебовите. Кога над нашите клемпави уши и лустер ошишани глави ќе леташе некој авион, се деревме од петни жили: „Чичко, пушти летки! Чичко, пушти летки! Чичко, пушти леткиииии…“

Понекогаш пушташе. Трчавме по околните сокаци, дворови и ливади како збрлавени. Ги собиравме сите летки што паѓаа од небото, иако на сите пишуваше исто, кое ние и така не го разбиравме. Во вакви драмски ситуации понекогаш од авионот со голема брзина паѓаше пакет залепени летки, кој речиси по правило завршуваше на керамиди или тополи.

Стоиме и гледаме угоре во пакетот. Тишина. Времето стои. И ние стоиме. Сè стои. Само нашите детски срца чукаат силно како камбаните од околната црква. После дома летките ги ставаа во шпорет, а нас во корито, затоа што бевме испотени и избербатени, а кадата и водоводот сè уште не беа измислени. За да го испиеме проклетиот рицинус или омразениот „шуруп“, нè плашеа со волкот и вештерката, а во потешки случаи и со народната милиција. Додуша, старите повеќе се плашеа. Цајканите првин удираа по некој пендрек, а дури после бараа лична карта.

Тогаш праќавме и добивавме писма, разгледници и дописници. Многу од писмата беа натопени со солзи затоа што беа љубовни. Во денешно време, после толку векови писменост, комуницираме со сликовно писмо. Тие што се образовани користат и зборови. Најдолгиот е pozz… Тоа е. Порано се брзаше само на љубовен состанок и шинобус. Денес, само се брза. Да ме извинат „модерниве“,  ама ние бевме почитувачи на традиционалните вредности. Покрај книгата „Кувар“, наша најомилена беше „споменарот“. Тоа беше тетратка во која си пишувавме сè што се случува со нашите и животи. После дојдоа „модерниве“ и почнаа да се занимаваат со сите животи, освен со сопствениот. Така победи масовниот кич и шунд, а после нив редовно победува тоталитаризмот и фашизмот. Така барем тврдеше Ерих Фром, вујко на нашиот маалски филозоф Мане Кант.

Сите имаа „споменар“. Од мојот издвојувам фрагмент од бурниот живот на нашето другарче Пеце Шиник:

„Лепчињата на големиот одмор и систематските прегледи го правеа подносливо нашето влечкање накај школо. Ги ѕиркавме девојчињата зад оние паравани, будно чувани од строгите наставници. Тие сметаа дека борбата на пролетеријатот во капитализмот е поважна од нашето сексуално образование. На еден систематски преглед ги видов најубавите цициња на сите времиња. Нивната сопственичка беше Марта, позната по својата „цицана хаљина“, насмевка со вкус на ванила и цврста одлука да не ми биде женска. Поминаа многу години од моето теоретско сексуално искуство во амбулантата „Млин Балкан“. Во меѓувреме, флертував со Џејн (Тарзаница), Брижит Бардо и Џина Лолобриџида. Но никогаш, прати ме добро, никогаш цицињата на Марта не паднаа од првото место на мојата еротска топ-листа.

Дојде и тој ден. Денес морам да решам што ќе станам во животот. Мама сака да бидам доктор. Тато сака да бидам инженер. Јас сакам да бидам падобранец. Никој не попушта. А најмногу дада. Таа сака да станам и да ја напуштам нашата заедничка соба. Дедо Миле молчи поради професионална деформација. Беше „шеф сале“ во стариот хотел „Карпош“. Тоа значи дека по цел ден со чепкалка во устата седеше на масата за оркестар и посматраше. Кога ќе се слушнеше женско врискање од кујната, време беше за рутинска контрола на униформите на куварките. Најмногу се задржуваше на кројката околу релјефните делови, да ми извините на израз.

На крајот, превагнаа судбината и дедо Миле. Станав келнер. Не се жалам. Чиста испеглана униформа, џабе оранжади и слободен пристап до помфритот во кујната. Плус не си рудар. Кариерата ја почнав во „Мал одмор“. Тоа е голем успех, ако се земат предвид оние дупки познати како „последна шанса“. Локалните муштерии беа мирни, освен лошата навика да чекаат кусур до последната банка. Бакшиш гледавме само во француски и американски филмови. Кога почнаа да пијат на вересија („на рецка“), а не плаќаа, еден ден на ѕидовите осамна паролата: „Чест секому – вересија никому“. Ова додатно ги изнервира и почнаа да кршат чаши! Така се појави втората објава: „Секоја намерно скршена чаша се наплатува тројно“.

После ме унапредија и работев во „Метропол“. По цел ден ги бркав оние шизици што ни ги крадеа чаршафите од масите за да сошијат кошула со руска јака во црвено-бели коцки. Откако ми досади да се правам жива вода, извадив лекарско уверение со дијагноза: Не смее да брка шизици што крадат чаршави од масите затоа што му бегаат гостите без да платат. Ме преместија во хотел „Јадран“ попознат како „арапска“.

Вторник, 24 студен (ноември) 1986 година. Денес сум на работа прва и втора смена. Го заменувам Ганцо затоа што крапот на Велешко почнал да јаде и затоа што собирам пари за патики „шангајки“. Тој ден нема никогаш да го заборавам. Таман кога помислив дека животот е едноставен и убав, во кафеаната влегоа Мијалче и Марта! Добриот келнер може сè да поднесе, но оваа сцена е претешка и за онаа битанга Џек Николсон“.

Поради психички проблеми, Пеце млад се пензионира. Веднаш го примија во една политичка партија и сега е раат. Сега ние не сме, ама па не може сè да се погоди.

Не сакам да кобам, ама веќе нема есен. Нема ни сонати. Последната беше месечева. Па што? Пушти некој турбофолк да се развеселиме!