Лекари во Косово се жртви на вербално и физичко насилство на работното место, покажа анкетата спроведена од Лекарската комора на Косово (ОМК), според која со насилно однесување, додека ја вршеле својата работа, се соочиле 78,8 отсто од анкетираните лекари, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Според резултатите од истражувањето, објавени денеска, во изминатите пет години 97,3 отсто од нападите се случиле во здравствените установи, додека 2,7 отсто надвор од нив.
Анкетирањето е извршено он-лајн, при што прашалникот им е испратен на сите членови на ОМК, а одговориле 381 лекар (12,09 отсто од членовите на Комората).
Анкетирани се специјалисти, специјализанти и останат лекарски персонал.
Од анкетираните, 81,40 отсто одговориле дека насилството на работното место било вербално, 1,4 отсто доживеале физичко насилство, а 17,5 отсто од анкетираните лекари одговориле дека биле изложени на двата вида насилство – физичко и вербално.
Анкетата покажува дека насилството најчесто доаѓало од членови на семејствата на пациентите, но и од самите пациенти, а лекарите не секогаш ги пријавувале нападите кај органите на редот.
– Како причина за непријавувањето на насилството, лекарите често го споменуваат стравот од дополнителни проблеми, можната реакција на околината, или стравот од повторување на нападот. Од тие кои пријавиле напади, 58,2 отсто тоа го сториле кај работодавачот, 40,5 отсто во полиција и само 1,3 отсто на суд, покажуваат резултатите од анкетата на Лекарската комора на Косово