По зголемувањето на таксите кон Србија за 100 проценти, Македонија го зголеми извозот на Косово за 40 отсто. Како што изјави српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникацици Расим Љајиќ, бенефит од ваквата мерка имаат и други земји.
Пласманот од Албанија пораснал за 60 отсто, од Словенија за 123, од Грција за 114 отсто, Унгарија за 71, Бугарија 50 отсто, а од Хрватска за 28 проценти.
Љајиќ предупреди дека ако Приштина наскоро не ги укине таксите за увоз на стоки од Србија, долгорочната штета ќе биде поголема од 66,2 милиона евра, колку што изнесува во моментов.
Според него, штетата ќе биде долгорочна, бидејќи „други играчи” ќе го заземат пазарот во Косово, кој досега го имаа производителите од Србија.
-Ако таксите се укинат денес, дел од бизнисмените би се вратиле од Србија, но ако ова продолжи, тоа нема да има ефект, бидејќи други играчи ќе го завземат овој простор и штетата ќе биде уште поголема, рече Љајиќ за РТС.
Во декември 2017 година Србија учествуваше во увозот на Косово со 15,7 отсто, а во декември 2018 година со 1,7 отсто. Во декември 2017 година Србија продала стоки во вредност од 46 милиони евра, а во декември 2018 година, 5,7 милиони евра, кога се уште можеше да се продаваат меѓународните брендови произведени во Србија.
Министерот потсети дека меѓународната заедница апелирала до Приштина да ги укине таксите, но тешко е да се предвиди што ќе сторат косовските власти.
Тој забележува дека е важно да се укине данокот што е можно поскоро, бидејќи, како што вели, подоцнежното укинување нема да има економски ефект.