Пратениците на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), денеска ги вратија мандатите во Собранието на Косово, откако во саботата партијата ги повика Србите да ги напуштат косовските институции, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата во изјава за медиумите ја потврди Илир Керчели, шеф на кабинетот на собранискиот спикер Глаук Коњуфца, а со соопштение се огласи и собраниската служба за информирање.
– Ве информираме дека десет пратеници на Собранието на Република Косово од парламентарниот субјект Српска листа поднесоа неотповикливи оставки, се наведува во соопштението.
Српска листа одлучи да ги повлече своите членови од институциите на Косово, поради најавите од косовската Влада дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.
Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, кој исто така поднесе оставка од функцијата министер за заедници и враќање во косовската Влада, порача дека Србите ќе останат надвор од институциите сé додека не се повлече одлуката за табличките и не се формира заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово.