Косовското Собрание денеска одново не успеа да одржи седница на чиј дневен ред беше Предлог-договорот со Белград, затоа што на заседанието не присуствуваа пратениците од редовите на партиите од владината коалиција.
Координаторот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти изјави дека недоаѓањето на пратениците од владејачката коалиција е одраз на „голема неодговорност“.
– Сметаме дека ова е голема неодговорност, бидејќи владејачката коалиција не дозволува нормална работа на Парламентот и на тој начин го спречува развојот на демократијата и изнесувањето мислење на опозициските пратеници, изјави Хоти.
Координаторот на пратеничката група на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Глаук Коњуфца оцени дека отсуството на пратниците од власта на седницата укажува на владината стратегија за улогата на Парламентот.
Тој нагласи дека опозицијата барала на денешната собраниска седница да се разгледа владиниот документ од околу 30 страни, што му беше доставен на Собранието како сеопфатно решение во дијалогот со Белград.
Коњуфца оцени дека владиниот предлог има многу недостатоци, како процедурални, така и материјални, истакнувајќи дека опозицијата е заинтересирана за отвирање расправа за ова прашање пред премиерот и министрите.