Косовското Собрание ќе одржи денеска пленарна седница, на која меѓу 46-те точки на дневен ред се и трите нацрт-закони со кои е предвидена трансформацијта на Безбедносните сили на Косоово (ФСК) во воjска на Косово, јави МИА од Приштина.
Пакетот закони, кои ќе се разгледуваат во прво читање, се состои од Нацрт-законот за Министерството за одбрана, Нацрт-законот за ФСК, и Нацрт-законот за служба во ФСК. Со овие законски проекти се предвидува зголемување на надлежностите на ФСК и прераснуваање на актуелното Министерство за ФСК во Министерство за одбрана, а крајната цел е постепено прераснување на сегашните безбедносни сили во Војска на Косово.
Околу оваа намера постои широк консензус меѓу политичките субјекти на Албанците во Косово, така што и опозициските партии, кои ја бојкотираат работата на Собранието, затоа што не им се исполнува барањето за расправа и резолуција за дијалогот со Србија, најави дека ќе учествува на денешната седница и ќе гласа „за“.
Против формирањето војска на Косово, освен официјален Белград, е партијата на косовските Срби, Српската листа, која вели дека, според Резолуцијата 1244 на Обединетите нации, единствена воена формација на Косово е КФОР.
Меѓународниот фактор, односно земјите кои ја поддржуваат независноста на Косово, велат дека не се против државата да формира војска, но порачуваат дека тоа треба да се направи со измени на Уставот, што е практично невозможно, бидејќи за такво нешто се потребни и мнозинството гласови на пратениците Срби. Поради тоа, Владата на Рамуш Харадинај, со поддршка на другите албански субјекти, реши трансформацијата да ја спроведе постепено, со законски интервенции.