Косовската полиција го упаси претпладнево во неговиот стан пратеникот на опозициската Социјалдемократска партија (ПСД) Дардан Молиќај, поради учество на протест во 2015 година, јави МИА од Приштина.
Според полициското соопштение, Молиќај е уапсен по налог на Основниот суд и е предаден на Основното обвинителство во Приштина.
Во судскиот налог издаден вчера се наведува дека Молиќај е приведен поради учество на протестот од пред четири години на Движењето Самоопределување (ВВ), чиј член беше тогаш. Тој беше еден од организаторите на протестот за ослободување на тогашниот пратеник, а сега лидер на ВВ, Албин Курти, кој тогаш беше приведен поради непојавување на суд.
Во соопштението на неговата сегашна партија, ПСД, се наведува дека Молиќај не добил никаква покана за судско рочиште или за да се јави во судот.
– Молиќај е упасен со образложение дека учествувал на протестот за ослободување на пратеникот Албин Курти во 2015 година. Апсењето на споменатиот пратеник тогаш беше спротивно на човековите права и слободи и со целосно прекршување на законските процедури. Поради тоа, тој протест беше праведен и неопходен, се вели во соопштението на ПСД, која бара итно ослободување на нејзиниот пратеник.