Агенцијата за борба против корупцијата на Косово (АКК) покренала предистражна постапка за министерката за надворешни Работи, Доника Грвала, поради сомневање дека не пријавила дека е сопственик на деловна компанија во Германија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Невладината организација „Заклетва за правда“ објави дека, според истражување извршено пред неколку недели, Грвала не само што не пријавила дека поседува фирма во Германија, исто така не ја информирала АКК и дека е директорка на фондација во Косово, а не ги пријавила ниту имотот на нејзиниот сопруг и децата.
– Во врска со адресираниот случај, во АКК во тек е предистражна процедура за прибирање, испитување и анализа на документацијата и другите информации кои се релевантни за случајот, се вели во денешното соопштение за медиумите на косовската антикорупциска.
Деновиве беше објавено и дека АКК покренала кривична пријава против министерката за индустрија, трговија и претприемништво, Розета Хајдари, поради непријавување или лажно пријавување на имотот, приходите и подароците.