Македонија заврте нова, светла страница на иднината, на стабилноста, сигурноста и економскиот напредок, рече на прес конференција пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.
– Со имплементација на Договорот од Преспа и државничката одлука на мнозинството пратеници за уставни измени, отворени се перспективите, во финална фаза се процесите до членството во НАТО и ЕУ. Македонија станува 30 земја членка на НАТО Алијансата оваа година. По започнувањето на скрининг процесот, во оваа 2019 година се очекува и почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Годините изолација, неизвестност и уназадување се зад нас. Македонија денес засилено граби кон интеграција во двата најмоќни светски сојузи, НАТО и ЕУ. 2019 година, освен година на интеграција, ќе биде и година на економски раст и повеќе пари кај граѓаните. За оваа година, предвидено е уште едно зголемување на минималната плата, што значи повеќе пари кај работниците, кај семејствата, рече Костадинов.
Тој додаде дека „платите растат во сите сектори“.
– Вработените во здравството, образованието, детската и социјална заштита, одбраната, судството, полицијата добиваат поголеми плати за 5 отсто. Со зголемената помош кон претпријатијата, платите ќе растат и во приватниот сектор. Оваа година следува имплементација на уште една мерка, граѓаните да добиваат поврат на ДДВ од 15 отсто за купените производи или платените услуги. Тоа ќе обезбеди дополнителен годишен приход во секое семејство. Со реформираниот систем на социјална заштита, лицата приметли на социјална помош ќе добиваат и до 300 отсто зголемена социјална помош. Истовремено, се намалуваат трошоците на граѓаните за нотарски, адвокатски и извршителски трошоци. Како одговорна и државотворна партија, продолжуваме со спроведување на мерките што обезбедуваат напредок, интеграција, економски раст и повисок животен стандард за сите граѓани, рече Костадинов.