Секој нормален и чесен Македонец е разочаран заради продажбата на националните интереси и губењето на името, идентитетот, историјата и културата за кои со векови се бореле нашите предци, само криминалниот картел на чело со Зоран Заев се гордее и слави дека ја преименувал сопствената земја, Република Македонија, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

– Костадин Костадинов е дел од екипата на аболицираниот криминалец Зоран Заев која без срам и перде ја погази демократијата, која со уцени и закани се пазареше со националните и државните интереси, која ја погази народната волја и го промени уставот и уставното име. Оваа одлука за која и самиот Костадинов гласаше го менува името на државата, идентитетот, јазикот, културата и историјата. Тоа што Костадинов се радува на оваа негова одлука само говори за нивната зебеганост и отуѓеност од народот. Оваа власт нема никаква врска со европските вредности, а уште помалку има капацитет да донесе економски просперитет. Тие единствено што знаат е да делат евро за Вицето, тендер за Анѓушев, да ја вработат мајката на Костадинов во државни институции, да ги вработат синовите и ќерките за дебели хонорари, се вели во реакцијата.

Лажните ветувања, се додава во реакцијата, што повторно ги кажуваат за 15 отсто поврат на ДДВ, повисоки плати, повисок стандард, подобро образование, здравство и социјална заштита можеа да го направат и без да го променеа името, ако знаеа и ако држеа до зборот даден пред избори.

– Очигледно дека повторувањата на истите лаги е најава дека планираат да ги продолжат црнилата во Република Македонија, заедно со сите неуспесите, неодговорноста и црните рекорди во економијата. Единствен начин тоа да запре е да се охрабрат СДСМ и да се соочат со народот на парламентарни избори. Народот ќе им каже што мисли за сите нивни штетни и погрешни политики, се вели во денешната реакција на опозициската партија.