СДСМ е против партизација и против непотизам и одлучни сме и заедно со граѓаните се бориме да ги промениме работите во нашето општество, рече денеска пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.
– Партизацијата која што со децении беше пракса во Македонија, конечно е на колена. Благодарение на јавноста и благодарение на свеста и интегритетот кои постојат во нашата партија. Не се сите исти. Членови на семејствата на претставници на СДСМ преземаа морални чекори на повлекувања од своите работни места на свои и покрај тоа што со своето вработување не прекршиле ниту една процедура, не загрозиле ничие право и ги исполниле сите критериуми по мерит системот. Поради морални и етички причини од работните места веќе се повлекоа: мојата мајка, дедото на пратеникот Кирацовски, синот на пратеникот Мисовски, братот и сопругот на пратеничката Стојчевска. Тоа е интегритет. Заедно го менуваме општеството, се случуваат процеси кои не биле возможни во минатото, рече Костадинов.
Ајде, додава Костадинов, сега да видиме дали колкав е интегритетот на Мицкоски и неговите од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ајде да видиме што има да каже партијата која го рашири непотизмот до невидени размери. Од овде, од пред центарот на непотизмот и симболот на криминално владеење, го повикуваме Христијан Мицкоски да ги повика своите роднини и роднините на своите сопартијци да се повлечат од работните места кои им биле обезбедени поради нивно влијание. Граѓаните многу добро знаат дека Мицкоски во минатото раководеше со АД ЕЛЕМ. Токму во ЕЛЕМ-турс е вработен Горан Манасиевски, прв братучед на Христијан Мицкоски. Покрај братучедот на Мицкоски, во ЕЛЕМ турс работа добил и Никола Шајновски, сопруг на личната партиска секретарка на Мицкоски но и Косана Мазнева, која е дел од неговиот партиски кабинет. Сопругата на Хрстијан Мицкоски пак е вработена во гимназијата Орце Николов во Скопје. Дури и самиот Мицкоски е пример за непотизам со тоа што бил асистент кај својот татко на Машинскиот факултет, Иван Мицкоски, рече Костадинов.
Има едни, додаде натаму, кои ја слушаат јавноста и реагираат. И има други кои се кријат во партиските палати, натрупале проблеми во државата и немаат грам чесност и морал.
– Очекуваме Мицкоски да ги повика сите свои роднини, како и сите роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои работните места ги добиле поради влијанието на нивните блиски, да се повлечат од работните места. Ајде Мицкоски, расплети го јазолот од вработувања кои си ги создал околу тебе. Се друго е политикантство, неискрен, неодговорен и несериозен однос на опозициската партија кон граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ја преполни државната администрација, ајде нека почне повлекувањето, во име на борбата против непотизмот во нашата земја, рече портпаролот на СДСМ, Костадинов.
На крајот, од ова соопштение од Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ, останува Костадинов уште да се заколни „жими мама“ СДСМ не партизира и нема непотизам.