Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и бугарскиот министер за култура, Крастју Крастев, денеска во Владата одржале билатерална средба на која разговарале за досегашните односи во културата меѓу двете земји, како и за можностите за нивно унапредување.

Во фокусот на средбата, на која биле присутни и заменици-министрите за култура на двете земји, Даим Лучи и Амелиа Гешева, соопштија од Министерството за култура, била ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, за чие отворање во еднодневна посета на нашата држава е висока државна делегација од Бугарија предводена од претседателот на бугарското собрание, Росен Димитров Жељазков.

– Соговорниците изразија задоволството што соработката меѓу двете реномирани институции, македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките од Софија, резултираше со договор за две големи и значајни изложби, кои ги промовираат културата и културното наследство како темелна европска вредност. Покрај  изложбата „Сребрена Тракија“ во Скопје, во следните години е договорено во Софија да биде претставено и богатото археолошко културно наследство на С. Македонија, се наведува во соопштението.

На средбата било истакнато дека изложбата „Сребрена Тракија“, која го содржи и уникатното Тракиско сребро, претставува исклучителна можност да се видат ексклузивни наоди од тракиската култура. Поставката, стои во соопштението од Министерството за култура, била претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот, но во Скопје изложбата е конципирана како најкомплексна и најобемна презентација на наодите што ја претставуваат тракиската култура и цивилизација.

Костадиновска-Стојчевска и Крастев изразиле задоволство од одличниот прием на бугарската јавност на изложбата „105 години Требениште“, која неодамна беше отворена во Софија.

– Оваа значајна изложба, која создаде нова енергија во балканската музеологија, во 2025 година ќе биде претставена и во Народниот музеј на Србија, по што изложбата посветена на требенишката некропола ќе го продолжи своето патешествие низ најзначајните европски и светски музеи, се вели во соопштението.

Костадиновска-Стојчевска, на средбата со својот бугарски колега, изразила задоволство што двете министерства негуваат слични приоритети во својата културна политика, во делот на заштитата на културното наследство, како и поттикнување на активностите на младите. Била истакната можноста за соработка меѓу сродните институции во двете држави, преку реализација на проекти, истражувања, обуки, размена на експерти/дефицитарен кадар и слично.

Костадиновска-Стојчевска ја информирала делегацијата дека со оглед на фактот што Северна Македонија претседава со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, следната година е предвидена реализација на повеќе активности, министерски средби, кои ќе се осврнат на актуелни прашања од сферата на заштитата на културното наследство.

Министрите за култура ја поздравиле работата на културно-информативните центри во двете држави и ја истакнаа нивната активна улога во промоцијата на македонската и на бугарската култура во Скопје и во Софија.

– Беше нагласена и одличната соработка меѓу двете држави и во областа на литературната дејност, каде што со поддршка од македонското Министерство за култура на бугарски јазик се преведени многубројни дела од реномирани македонски автори, а е солидна и соработката во театарската дејност во чии рамки, националните институции и уметниците од двете држави редовно се претставуваат на фестивалите и манифестациите во двете земји, соопштија од Министерството за култура.

Министрите за култура разговарале и за идната соработка во рамките на УНЕСКО, по заедничкиот успех за впишување на мултинационалната апликација „Културни практики поврзани со 1 Март – Мартинки“, поднесена од Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија, на Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото.

Фото: Министерство за култура