На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор во случаите „27 април“ и „Шпански скали“, одлучи денеска Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП). Имено, Судот утврдил недостиг на доволни причини на неговото лишување од слобода и ненавремено разгледување на жалбите кои се поднесувани за притворите.

„Предметот се однесува на две кривични постапки против г. Јанакиески, првата за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а втората за злоупотреба на службената положба, при што со одлуки на домашните судови тој беше лишен од слобода. Потпирајќи се на член 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, г. Јанакиески се жали на наводна незаконитост и самоволие, немање релевантни и доволни причини и недостиг на брзо преиспитување на неговото лишување од слобода. Утврдена е повреда на член 5 став 3 поради немање доволно причини за лишување од слобода на жалителот и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на ‘брзо’ преиспитување на лишувањето од слобода на жалителот“, се наведува во пресудата на ЕСЧП.

Европскиот суд прифатил и дека Јанакиески претрпел штета поради незаконските притвори. Одредена му е отштета од 3 900 евра.

Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“. Тој во јули годинава од куќен притвор беше спроведен во затвор откако призна вина за речиси сите дела поврзани со изборни нерегуларности во случајот „Титаник, освен за делото злоупотреба на средствата за финансирање изборна кампања, но подоцна обвинителството се откажа од прогон за ова дело.

Јанакиески веќе има одлежано речиси пет години притвор за разни предмети.