Многу мала, речиси еднаква на нула е веројатноста за прекини на струја за домаќинствата и бизнисите во Грција, според министерот за животна средина и енергија Костас Скрекас, кој во интервју за грчката телевизија „Скај“ истакна дека тие како Влада направиле сè што можат за да нема недостиг во снабдувањето, јави дописничката на МИА од Атина.

Скрекас истакна дека во животот и во тек на енергетска војна, никој ништо не може да исклучи, но потенцираше дека се многу мали, речиси еднакви на нула, шансите за прекин во снабдувањето со енергија.

-Иако е енергетска војна, Грција се соочува со најмал ризик меѓу останатите европски земји, во однос на енергетската доволност и снабдувањето, рече Скрекас.

Посочи дека Владата е насочена кон три цели: ​​обезбедување достапни цени на енергијата за домаќинствата и бизнисите, носење регулаторни одлуки за одвојување на цената на природниот гас од цената на електричната енергија и енергетска доволност во земјата.

Министерот за животна средина и енергија  на Грција најави дека до крајот на седмицава ќе бидат соопштени и мерките за поддршка на граѓаните и за природниот гас.